Besar Ademi
03 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
КАЧАНИК (АА) - Претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукичи, и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, од излезот на делот кој е веќе завршен на автопатот што ги поврзува Приштина и Скопје, известија дека на крајот на годината делот на овој автопат на косовската страна ќе заврши, и апелираа до Владата на Република Македонија „што е можно поскоро да го заврши својот дел“, јавува Anadolu Agency (AA).
Изградбата на автопатот што ги поврзува Приштина и Скопје на косовската страна заврши во близина на селото Доганај и останаа околу 25 километри, каде што се поставува и основата за потполно градење до границата со Македонија. Од друга страна, на македонската страна сѐ уште не е започната работата за изградба на овој автопат кој ќе ги поврзува главните градови на двете соседни земји.
На заедничка прес-конференција, Рукичи рече дека Македонија е меѓу соседите со кои неговата земја нема речиси ниту еден проблем од економска природа, но дека треба многу повеќе да се работи на зајакнување на инфраструктурата и заедничките инвестиции.
Тој нагласи дека причината поради која средбата се одржа на завршениот дел на автопатот е да се испрати порака до соодветните влади, но исто така и до земјите од регионот, дека треба повеќе да се инвестира во инфраструктурата.
„Владата на Косово направи добра работа во однос на инфраструктурата. Гледаме дека автопатот напредува многу брзо кон Скопје и верувам дека до крајот на годината ќе ја завршиме нашата улога. Ова отвора можности и хоризонти на соработка меѓу двете земји. Но, за да биде дел од важни коридори, тој мора да заврши на двете страни. Затоа, ова е барање до македонската Влада што е можно поскоро да ја заврши својата улога“, рече Рукичи.

Тој, исто така истакна дека актуелните политики ја попречија економската соработка меѓу двете земји, како што е дијалогот меѓу Косово и Србија и референдумот за прашањето за името на Македонија, посочувајќи дека барањето на бизнисмените за соодветните власти е дека „ако не се во можност да му помогнат на бизнисот, да не го попречуваат“.
- Азески: „Не е логична многу послабата соработка во регионот, отколку со земјите кои се далеку од нас“ -
Од друга страна, Азески му честиташе на Косово за автопатот и изрази уверување дека следните пет години во овие две земји ќе се забележат драстични позитивни промени.
„Трговската размена изнесува околу 300 милиони евра и мислам дека е реално, со сето она што ќе го преземеме, во наредните пет години оваа размена двојно да се зголеми. Во изминатата година имавме 2,7 милиони преминувања на граничните премини во двата правци, и тоа треба двојно да се зголеми. Но, јас се надевам дека за тие пет години ќе станеме членка на Европската Унија и дека нема да постојат граници“, рече Азески.
Тој понатаму истакна дека конечно, по 30 години сфатиле дека регионалната соработка е основа за нивниот напредок.
„30 години одевме во погрешна насока, возобновувајќи некои стари творби, не водејќи сметка дека ние бизнисмените зборуваме само за развој на бизнисот. Европската Унија е формирана врз база на регионите, таа функционира врз база на регионите и ќе развива врз база на регионите. Не е логично ние да имаме послаба соработка во регионот, отколку што имаме со земји кои се илјадници километри оддалечени од нас“, изјави Азески.
Шефовите на стопанските комори на двете земји, заедно со претставници на бизнис-заедницата на двете земји, се состанаа во овој завршен дел од автопатот за да разговараат за можностите за продлабочување на соработката во инфраструктурата и промовирање на инвестициите меѓу двете земји, а особено да ги повикаат владите да ја развиваат областа на инфраструктурата, што ќе го олесни граѓанското движење и развојот на бизнисот.