Ata Ufuk Şeker
17 Февруари 2018•Ажурирај: 17 Февруари 2018
МИНХЕН (AA) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во обраќањето на 54. Меѓународна конференција за безбедноста во Минхен истакна дека НАТО и Европската унија (ЕУ) заедно можат и треба да направат повеќе во регионот на Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се плашам дека можеби премногу сме фокусирани на Сирија, Ирак, Авганистан и други проблеми, што е важно. Но, ние го забораваме нашето најблиско соседство - Западен Балкан, каде треба да бидеме фокусирани, бидејќи постои некој развој на настани кој оди во погрешен правец", рече Столтенберг, поздравувајќи го јакнењето на партнерството со Србија.
„Поздравувам што и ЕУ на тоа работи. Западен Балкан е апсолутно регион каде, заедно со ЕУ, мораме да направиме повеќе", рече Столтенберг.
Говорејќи за активностите на силите на НАТО во светот, истакна дека Алијансата ќе се ангажира во давањето обука на ирачките безбедносни сили.
„Чувствуваме одговорност за прашањето на воспоставување на безбедноста во земјите кои граничат со НАТО", рече Столтенберг.
Нагласи дека НАТО во минатото помина големи воени мисии како оние во Авганистан, додавајќи дека сега ќе се посвети на обука на локалните структури.
Се осврна и на нуклеарната програма на Северна Кореја, напоменувајќи дека е важно да се изврши силен притисок врз властите во таа земја.
„Ракетите на Пјонгјанг имаат распон до земјите на НАТО. Затоа е потребно да се зголеми притисокот на Северна Кореја", рече Столтенберг.
Исто така предупреди дека Европската унија сама не може да ја заштити Европа, на пример од нуклеарната закана на Северна Кореја.
Во обраќањето, средбите на функционерите на Турција и Соединетите Американски Држави (САД) ги оцени како позитивни, изразувајќи задоволство со посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.
Потсети дека САД и Турција веќе долго заедно се борат против терористичката организација ДЕАШ.
Нагласи дека Турција, благодарејќи на воената инфраструктура, аеродромите и воените бази, игра важна улога во борбата против оваа терористичка организација.
На конференцијата присуствуваат 30 шефови на држави и влади, а темите се однесуваат на дискусии за главните меѓународни безбедносни предизвици и фокусирани се и на закани за меѓународниот либерален поредок, конфликти на Блискиот исток и контрола на вооружување со акцент на нуклеарна програма на Северна Кореја.
Конференцијата за безбедност во Минхен прв пат е одржана во 1962. година.