Aldijana Hadzic
05 Јуни 2021•Ажурирај: 07 Јуни 2021
САРАЕВО
Психологот и политички аналитичар Срѓан Пухало го коментираше отстранувањето на нелегално изградената црква во дворот на Фата Орловиќ, во Коњевиќ Поље, што почна утрово, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За неколку минути срушена е нелегално изградената црква во дворот на Фата Орловиќ. За да се случи тоа требаше да поминат години судење, пресврти и националистичко заморување на сите нас во БиХ“, напиша Пухало на социјалната мрежа Твитер.
Информацијата за отстранувањето на црквата од дворот на Фата Орловиќ, на својот фејсбук-профил ја потврди Русмир Каркин, адвокатот што го застапува семејството. Каркин сподели и фотографии на кои можеа да се видат работните машини во дворот на Фата Орловиќ.
Европскиот суд за човекови права на 1 октомври 2019 година донесе одлука, односно конечна пресуда со која се наредува Босна и Херцеговина да мора да ги изврши одлуките за отстранување на црквата од дворот на Фата Орловиќ во Коњевиќ Поље.
Судот утврди дека пропустот на властите да ги испочитуваат конечните и обврзувачките одлуки од 1999 и 2000 година, со кои е утврдено правото на враќање на предметниот имот во поседување на подносителите на претставката, а за кој Владата на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска не понуди никакво оправдување, имал за последица сериозно нарушување на нивното право на имот.
Апелација до Европскиот суд за човекови права во Стразбур поднесе Фата Орловиќ и уште 13 членови на нејзиното семејство во 2018 година.
Борбата на Фата Орловиќ за отстранување на православната црква, изградена во нејзиниот двор додека била бегалец во текот на војната и агресијата на Босна и Херцеговина на почетокот на 1990-тите години, траеше повеќе од две децении.