Bojana Stojanovic
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, денес изјави дека одлуката за зголемена борбена готовност на единиците на Војската на Србија и понатаму останува во сила, иако нема најави дека може да се случи нешто негативно, и дека безбедносната ситуација на целата територија на Србија внимателно се следи, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Немаме најави за какво било вознемирување и немаме најави дека може да се случи нешто негативно, но секогаш, во секој миг мора да водите сметка за секој дел од вашата територија без оглед дали тоа е Бујановац, Прешево, Медвеѓа, Нови Сад или Врање“, изјави српскиот министер во Врање.
Тој за новинарите истакна дека сите надлежни служби ја следат безбедносната ситуација, како и тоа дека и понатаму останува на сила зголемената борбена готовност.
„Претседателот Вучиќ има став кој апсолутно се почитува, дека борбената готовност мора да биде на зголемено ниво сè додека ситуацијата на територијата на Косово не биде совршено јасна и сè додека нема никакви закани по безбедноста на Србите што живеат на територијата на Косово“, рече Вулин.
Во саботата српскиот претседател нареди српската Армија и полицијата да бидат во целосна готовност, односно во состојба на зголемена борбена готовност, по повод веста за посетата на косовскиот претседател Хашим Тачи на езерото и хидроцентралата „Газивода“ во Општина Звечан, во северниот дел на Косово, каде што живее мнозинско српско население.