Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти

„Глобалната пандемија не смее да биде пречка за натамошно унапредување на економските и трговските односи, и за интензивирање на меѓусебната соработка и поддршка на планот на евроинтеграциите и спроведување на реформските процеси“, посочи Пендаровски

Admir Fazlagic  | 23.10.2020 - Обновена : 23.10.2020
Средба на претседателот Пендаровски со косовскиот премиер Авдулах Хоти ( Фото: Кабинет на претседателот на Северна Македонија )

СКОПЈЕ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што соопштија од кабинетот на претседателот Пендаровски, на средбата биле разменети мислења и информации за актуелните случувања во двете земји, за европската перспектива на државите од Западен Балкан, како и за севкупните мерки што се превземаат во справувањето со кризата од Ковид-19.

Во соопштението се наведува дека претседателот Пендаровски изрази уверување дека одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Косово ќе продолжат да се развиваат во духот на добрососедството, и ќе бидат потврдени со конкретни иницијативи, кои истовремено ќе придонесат за просперитетен и стабилен регион и забрзана регионална соработка.

Во таа насока, соговорниците разменија мислења и околу можностите за продлабочување на билатералната и регионалната економска соработка, како и за поинтензивна комуникација помеѓу бизнис секторите на двете земји.

„Глобалната пандемија не смее да биде пречка за натамошно унапредување на економските и трговските односи, и за интензивирање на меѓусебната соработка и поддршка на планот на евроинтеграциите и спроведување на реформските процеси“, посочи претседателот Пендаровски на средбата со косовскиот премиер.

„Претседателот Пендаровски го поздрави Договорот за економско нормализирање на односите меѓу Косово и Србија потпишан во Вашингтон, како исчекор во изнаоѓањето на конечен компромис, посочувајќи дека истиот ќе придонесе за севкупната стабилност на регионот", информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, денеска престојува во официјална посета на Северна Македонија, во рамките на која се состана со премиерот на земјата, Зоран Заев и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Во Амбасадата на Косово во Скопје, Хоти ќе реализира одделни средби и со лидерите на албанските политички партии во Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.