10 Септември 2021•Ажурирај: 13 Септември 2021
БЕЛГРАД - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфирије на денешната средба се согласија дека ќе се изгради „сесрпско светилиште“ во Доња Градина во Босна и Херцеговина, односно меморијален центар во спомен на жртвите од концентрациониот логор „Јасеновац“ и „сите други Срби кои загинале во злосторствата извршени на територии што не се под контрола на српскиот народ“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ посочи дека Србија и Српската православна црква го прават ова „за да не се избрише споменот на српското име и презиме“ и нагласи дека тој и Порфирије за време на средбата се слушнале и со Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ.
Тој изјави дека ќе се инвестираат „големи пари“, при што Србија ќе даде 80 отсто, а останатото ентитетот Република Српска.
Порфирије истакна дека станува збор за светилиште на правото што го опишува местото на страдањата во „Јасеновац“, наведувајќи дека паметењето никогаш нема да се претвори во злопаметење и дека „молитвата за мир и добро меѓу луѓето постојано се воздигнува“ во тамошниот српски манастир.
Патријархот рече дека оние што извршиле монструозни злосторства во „Јасеновац“ се „отпишани од секоја нација“ и дека „не припаѓаат на човечкиот род“.