Zylfije Adem Jakupi
29 Октомври 2020•Ажурирано: 30 Октомври 2020
ПРИШТИНА
Министерот за инфраструктура на Косово, Арбан Абраши, денеска се состана со министерот за сообраќај на Северна Македонија, Благоја Бочварски, со кого разговараа за соработката на полето на сообраќајот меѓу двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Абраши на заедничката прес-конференција со Бочварски рече дека наскоро ќе се постигне договор за воспоставување заеднички граничен премин меѓу двете земји со цел олеснување на движењето на стоката и граѓаните меѓу двете земји.
„Првото нешто за кое секако дека ќе се разговара на следниот состанок меѓу двете влади, кое во исто време претставува највисок приоритет, е заеднички граничен премин меѓу Косово и Северна Македонија. Овој граничен премин ќе влијае на луѓето и претпријатијата што го користат овој пат, времетраењето на чекањето да биде скратено и соодветно на тоа, ќе им помогне на претпријатијата од двете страни за подобра интеграција“, рече Абраши.

Министерот Абраши истакна дека автопатот кој ги поврзува Косово и Северна Македонија треба да биде завршен до 2022 година, до кога се очекува завршување на изградбата на автопатот во делот на Северна Македонија, од Блаце до Скопје.
Министерот Бочварски кој престојува во прва посета на Косово рече дека регионалната поврзаност е цел на двете земји, како и на Европската Унија. Тој изрази подготвеност Северна Македонија да соработува со Косово на завршување на автопатот од македонска страна, кој ќе ги поврзува Скопје и Приштина.
„Проектот, патот од Скопје до Блаце на граничниот премин е околу 110 милиони евра. Инвестицијата е на наша страна. Ќе работиме забрзано на што поскоро поврзување, бидејќи имаме сериозна економска соработка меѓу двете земји. Ќе работиме на овој проблем“, рече Бочварски.
Минатата недела премиерот на Косово, Авдулах Хоти, ја посети Северна Македонија каде што со премиерот Зоран Заев, меѓу другото, договори отворање на заеднички граничен премин на местото на кое минува Автопатот Скопје - Приштина и патот Тетово - Призрен. Најавено е дека состанокот меѓу двете влади ќе се одржи штом тоа ќе го дозволи епидемиолошката ситуација.