Bojana Stojanovic
27 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
БЕЛГРАД (АА) - Во Србија од денеска повторно со работа почнуваат фризерските салони и козметичките салони, но и вежбалниците, додека граѓаните постари од 65 години ќе можат да излегуваат на секојдневна прошетка, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во рамките на ублажувањето на мерките воведени во текот на пандемијата на коронавирусот Ковид-19, одлучено е од денеска да започнат со работа козметичките салони, како и фитнес-центрите.
Од денеска, граѓаните постари од 65 години ќе можат да излегуваат на прошетка секој ден во траење од еден час, додека минатата недела им беше дозволено излегување само трипати неделно во траење од половина час.
Како и претходната недела, тие можат да излегуваат во периодот помеѓу 18:00 часот и еден часот по полноќ, односно за време на забраната за движење, и тоа најмногу до 600 метри од местото на живеење.
Со оглед на тоа што се приближува празникот 1 Мај, а со цел намалување на социјалните контакти, Владата на Србија донесе одлука со која се забранува движењето од четврток, 30 април во 18:00 часот до понеделник, 4 мај, до 5:00 часот наутро.
Исто така, најавено е враќање и на меѓуградскиот превоз.
Во Србија, според податоците од вчера, од коронавирусот заболени се 8.042 лица, а починаа 156 лица. Излекувани се 1.182 лица.