Bojana Stojanovic
16 Март 2021•Ажурирај: 17 Март 2021
БЕЛГРАД (АА) - Во Србија од вечерва во 20 часот па до понеделник, 22 март, ќе работат само продавниците за прехрамбени производи, аптеките и бензинските пумпи, изјави денеска премиерката Ана Брнабиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одлучивме од вечерва да се затвори сè, а од понеделник ќе видиме. Нема да има полициски час ниту забрани за движење", рече Брнабиќ по седницата на Кризниот штаб за борба против коронавирусот во Белград, одржан поради влошената епидемиолошка состојбата во земјата.
Таа наведе дека во Србија ќе работат продавниците за прехрамбени производи, аптеките, бензинските пумпи и сè што е неопходно за одреден нормален живот во Србија, како што беше случај изминатиот викенд.
Според неа, донесено е компромисно решение, бидејќи, како што рече, во овој момент мерките се во сила пет дена, иако медицинскиот дел побарал тие да бидат донесени за период од 14 дена.
„Дали ќе бидат продолжени од понеделник зависи од сите нас“, рече таа и апелираше на максимална дисциплина од сите.
Во Србија во последниве денови се регистрирани по над 4.500 новозаразени на дневно ниво, како и над 20 смртни случаи како последица на вирусот. Од почетокот на епидемијата во земјата регистрирани се вкупно 520.911 случаи на коронавирусот и 4.747 смртни исходи.