Балкан, Коронавирус

Србија: Во 20 градови процентот на вакцинирани против коронавирусот надмина 50 отсто

Државјаните на Северна Македонија можат да се вакцинираат на сите пунктови во Србија, без оглед каде ја примиле првата доза

Bojana Stojanovic  | 23.06.2021 - Обновена : 24.06.2021
Србија: Во 20 градови процентот на вакцинирани против коронавирусот надмина 50 отсто

БЕЛГРАД (АА) - До утрово во Србија се аплицирани 5,2 милиони дози вакцини против коронавирусот, и ние сме сè поблизу до бројот од 50 отсто вакцинирано полнолетно население, додека во околу 20 градови над половина од жителите се имунизирани, изјави директорот на Канцеларијата за електронска управа на Владата, Михаило Јовановиќ, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Од дадените 5,2 милиони вакцини, 2,7 милиони се први дози, додека 2,5 милиони се втори дози“, појасни тој.

„Околу 20 градови ја надминаа бројката од 50 проценти имунизирани полнолетни граѓани“, откри Јовановиќ за Радио-телевизија Србија (РТС).

„На врвот на таа листа се наоѓаат Прибој и Ниш, кои достигнаа бројка од 60 отсто. Тука се уште и Белград, Босилеград, Ужице, Мали Зворник, Кикинда, Нови Сад, Кладово, и сè повеќе се оние што се приближуваат до тој број од 50 отсто“, наведе Јовановиќ.

Додаде дека во седум локални самоуправи бројот на вакцинирани е под 30 отсто - Тутин, Нови Пазар, Лајковац, Мионика, Загубица, Љиг и Уб.

Јовановиќ истакна дека кога станува збор за старосната група од 18 до 30 години вакцинирани се околу 17 отсто од граѓаните, а дека во групата од 65 до 74 години се вакцинирани скоро 80 ​​отсто од луѓето.

Што се однесува до странските државјани, Јовановиќ рече дека во текот на викендот во Србија се вакцинирале многу странци, и дека државјаните на Северна Македонија и Босна и Херцеговина можат слободно да се вакцинираат на пунктовите во Србија, и тоа на кое било место, без оглед на тоа каде ја примиле првата доза на вакцината.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.