Zylfije Adem Jakupi
06 Ноември 2020•Ажурирај: 06 Ноември 2020
ПРИШТИНА
Специјализираните совети на Косово во Хаг го објавија обвинението против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи „кои на 4 и 5 ноември по апсењето се доведени во притворски објект на Специјализираните совети на Косово во Хаг", пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што се наведува, судија на претходна постапка на Специјализираните совети на Косово на 26 октомври 2020 година го потврди обвинението против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.
Потврденото обвинение наведува дека воените злосторства од незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, сурово постапување, мачења и убиства, како и злосторства против човечноста како што се затворање, други нехумани постапки, измачување, убиство, присилни исчезнувања на лица и прогони се вршеле од март 1998 до септември 1999 година.
„На неколку локации ширум Косово, како и во Кукеш и Чахан во северна Албанија, припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК) извршиле кривични дела од обвинението на над стотици цивили и лица кои не учествувале во непријателствата. Жртвите се лица за кои се верувало дека не го поддржуваат ОВК и подоцна привремената влада на Косово, и тоа Срби, Роми и Ашкалии; католици; цивили за кои се верувало дека соработуваат со српските власти или да комуницираат со Србите; Албанци кои ја поддржувале Демократската лига на Косово или биле поврзани со таа партија, како и со други партии за кои се сметало дека се против ОВК; Албанци кои не се придружиле на ОВК или не го поддржувале ОВК, и лица кои врз основа на своето моментално или претходно вработување важеле за противници на ОВК”, се наведува во обвинението.
Потврденото обвинение наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се индивидуално кривично одговорни по разни облици на кривична одговорност за кривичните дела од обвинениеето кои се извршени во контекст на вооружениот судир од немеѓународен карактер во Косово и кои сочинувале дел од раширен и системски напад врз лицата за кои се сметално дека се противници на ОВК.
Информацијата за датумот и времето на првото пристапување на судот на Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, кое ќе се одржи пред судија на претходна постапка, ќе се објави наскоро.
Првото пристапување на суд се одржува на јавн седница и може да се следи преку видео стриминг на интернет страницата на Специјализираните совети на Косово.
Денес, во попладневните часови, Хашим Тачи, Кадри Весељи и Реџеп Селими отпатуваа во Хаг во придржуба на претставници на Специјализираниот суд со авион кој одлета од воениот аеродром во Слатина, во близина на Приштина. Јакуп Красниќи вчера во Приштина е префрлен во Хаг.
Хашим Тачи денес поднесе оставка од функцијата претседател на Косово и се стави на располагање на судот. И Кадри Весели и Реџеп Селими доброволно се предадоа.
Во септември оваа година е покренато првото обвинение пред Специјалниот суд во Хаг и тоа против Салих Мустафа, припадник на ОВК, кој е уапсен и префрлен во притвор во Хаг. Тој пред судија се изјасни дека не е виновен за воено злосторство за кое се обвинува.
Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово се од привремен карактер со конкретен мандат и надлежност во постапка за злосторства против човечноста, воени злосторства и други кривични дела според законите на Косово, кои се започнати или извршени во Косово во период од 1 јануари 1998 до 31 декември 2.000 година од страна на граѓаните на Косово или Сојузната Република Југославија, односно против нив.