Andelija Stojkovic
13 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
БЕЛГРАД (АА) - Србија недвосмислено е за продолжување на дијалогот со Приштина, се наведува во соопштението по седницата на Советот за национална безбедност на Србија, јавува Anadolu Agency (АА).
Советот денес ја разгледа политичко-безбедносната ситуација во Србија, во регионот и состојбата во Косово, по барањето на Собранието на Косово за прекин на бриселскиот дијалог и подигањето иницијатива за формирање на војска на Косово.
Како што се наведува, Советот оцени дека особено загрижувачки се иницијативите за прекин на дијалогот на Белград и Приштина, а особено барањето за формирање војска на Косово.
Кога станува збор за најавите за формирање војска на Косово, Советот силно се залага за почитување на меѓународното право, Резолуцијата 1244 и Бриселскиот договор, а во соопштението се додава дека Советот ги обврзал органите на Србија со сите политички и дипломатски средства да се спротивстават на дестабилизацијата на состојбата во Косово и на создавањето на војската на Косово.
Советот за национална безбедност на Србија оцени и дека состојбата во регионот е турбулентна и сложена, но дека не постои можност за позначајно загрозување на мирот и безбедноста на територијата на Србија.
Во соопштението се наведува дека без влијание на Србија, постои опасност од ширење на политички судири во одредени држави во околината, кои се поттикнати од внатрешни причини на политичка нетрпеливост, но и со значајно вмешување на странските цивилни и воени разузнавачки служби.
Советот одлучи дека задачата на сите органи на Србија е да не дозволат какво било прелевање на полиитчки, но и други судири на територијата на Србија, да ја почитуваат независноста на другите земји и да не се мешаат во нивните внатрешни работи.
„Државните органи се обврзани да соработуваат и со Србите во регионот, кои, според оцената на Советот, се наоѓаат под политички притисоци од централните власти во одредени земји од Западниот Балкан“, се наведува во соопштението.
На седницата присуствуваа претседателот на Србија, Томислав Николиќ, премиерот Александар Вучиќ, министерот за одбрана, Зоран Ѓоѓџевиќ, началникот на Генералштабот на војската на Србија, Љубиша Диковиќ, министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, министерката за правда, Нела Кубуровиќ и други високи официјални претставници.
Собранието на Косово ја усвои резолуцијата со која се бара да се прекине дијалогот со Србија до враќањето на некогашниот командант на Ослободителната војска на Косово, Рамуш Харадинај на Косово, и повлекувањето на српските потерници против него.
Харадинај се наоѓа во Франција, која не смее да ја напушти, бидејќи ја чека одлуката на судот за барањето на Србија за негово испорачување, во која Харадинај се товари за воени злосторства против неалбанското население за време на војната во Косово.
Тој пред Хашкиот трибунал беше ослободен двапати од обвиненијата за воено злосторство.