Admir Fazlagic
20 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија, на денешната 51. Седница го ратификуваше Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Од вкупно 120 пратеници колку што брои Собранието, на седницата присустуваа 69 пратеници, и сите гласаа „за“.
На седницата не присуствуваа пратениците од опозицијата. Пред пратениците се обрати премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, кој во своето обраќање порача дека пред три дена во Преспа е потпишан документ, што претставува крај на спорот што го попречуваше напредокот на Македонија, договор, кој, како што рече, означил почеток на крајот на неизвесноста.
Според премиерот Заев, постигнато е достоинствено и прифатливо решение за двете страни.
„Потписите на Договорот во Преспа го заштитија нашиот македонски идентитет за век и векови. Никому ништо не сме му подариле, ниту некој ни одзеде нешто кога се договоривме за географска одредница. Овој храбар и стратешки чин е кулминација на сите наши напори како држава. Ова е израз на нашата посветеност да најдеме решение кое е во интерес на иднината на граѓаните на нашите две земји. Се издигнавме над стравот за да обезбедиме безбедна и спокојна иднина. Повикувам да ги обезличиме манипулациите, да ги отфрлиме ѕидовите на изолација и на ксенофобија и да му дадеме шанса на понуденото решение. Граѓаните ќе ја донесат конечната одлука“, рече Заев.
Тој посочи дека Договорот е поддржан од сите меѓународни партнери и поддржувачи на Македонија, како и дека ги отвора портите на Македонија кон европска иднина. Премиерот Заев изрази очекување дека Македонија ќе добие датум за преговори од Советот на Европската Унија до крајот на овој месец, со што, како што истакна „сонот станува реалност“.
По обраќањето на премиерот Заев, во текот на седницата, пратениците од парламентарното мнозинство во своите говори ја истакнаа важноста на имплементацијата на Договорот за името со Грција, поради, како што кажаа, подобра иднина на Македонија.
- ВМРО-ДПМНЕ ќе бара мислење од Венецијанската комисија за Договорот со Грција
Пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, во пресрет на гласањето на ратификацијата на Договорот за името со Грција, во прес-центарот на Собранието одржа прес-конференција на која рече дека Договорот е антидржавен и антиуставен, на штета на граѓаните на Република Македонија. „Ние за ваквиот противуставен договор ќе побараме и толкување од Венецијанската комисија за утврдување на неговата правна природа. Имаме изигрување на правото и правната држава, со цел легализирање на ова капитулантско дело“, рече Данев.
- Имплементација на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство
По ратификацијата од страна на Собранието, Договорот треба да биде испратен до претседателот Ѓорге Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише.
Во согласност со Договорот, по ратификацијата во Собранието на Република Македонија, Грција има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека дава поддршка за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека ја поддржува поканата за НАТО.
Потсетуваме, Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, на 17 јуни, во неделата во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Езеро. Предлог-законот за ратификација на Договорот, беше усвоен на 18 јуни, во понеделникот, на седница на Владата на Република Македонија.
Предвидено е имплементацијата на Договорот да се случува етапно. Договорот ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешните процедури.
Доколку која било од страните не го прифати Договорот, согласно внатрешните процедури, тоа ќе значи дека тој не важи. Во однос на Договорот за името со Грција, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, најави референдум за наесен оваа година.