Mara Dragovic
27 Јуни 2017•Ажурирај: 27 Јуни 2017
БЕЛГРАД (АА) - Новата Влада на Србија ќе има 18 министерства, предвидено е со Законот за министерства којшто синоќа го усвои Собранието на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Со измените на законот ќе бидат основани две нови министерства - за заштита на животната средина и за европски интеграции.
Така, новата Влада, ако биде изгласана ќе има 18 ресори.
За измените на законот, предложен од страна на пратеничката група на Српската напредна партија, гласаа 157 пратеници, 11 беа против, а не гласаа двајца пратеници.
Како што е најавено, се очекува дека мандатарката Ана Брнабиќ денес пред пратениците да го претстави експозето и составот на новата влада.
Со измените на законот предвидено е укинување на Канцеларијата за европски интеграции, затоа што тие работи ќе ги преземе новото Министерство за европски интеграции, бидејќи, како што најави предлагачот, Србија ќе има многу поголем обем на работа во процесот на пристапување во ЕУ.
Главната забелешка на опозицијата беше дека ако веќе се оснива Министерство за ЕУ, зошто не се предложи оснивање и на ресор за Косово.