Admir Fazlagic
21 Ноември 2020•Ажурирај: 21 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Во знак на одбележување на Светскиот ден на детето - 20 ноември, дел од институциите во Скопје се осветлени во сина боја како симболичен гест на заложбата за унапредување на правата на децата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На овој датум, секоја година, денот кога е потпишана Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето, ширум светот се одбележува Денот на детето, а зградите и обележјата се осветлуваат во сина боја.
Вечерва во Скопје, во знак на одбележување на Светскиот ден на детето, дел од институциите се осветлени во сина боја како симболичен гест по повод овој датум.
Во сина боја се осветлени Владата, Собранието, Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Делегацијата на ЕУ, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на современа уметност, Халк банк, како и неколку други објекти, кои се приклучија кон иницијативата.
Светскиот ден на детето оваа година се одбележува во услови на пандемија од коронавирусот (Ковид-19), а како што посочуваат од Канцеларијата на Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) во Скопје, „пандемијата ги разоткри нееднаквостите во општествата, ставајќи ги децата под ризик да станат скриени жртви."
Имајќи го ова предвид, Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје ги повика владите, бизнис заедницата и сите други чинители да го одбележат овој ден како можност да се слушне како децата и младите сакаат да ја преосмислат иднината.
„Надоврзувајќи се на успехот што во 2019 година го имаше првиот состанок на високо ниво во државата #KidsTakeover кога младите отворија дискусија со владините министри на теми што се однесуваат на нивниот живот, на 20 ноември оваа година, заедно со Владата и со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, УНИЦЕФ ќе го поддржи вториот #KidsTakeover на кој учесниците ќе се осврнат на најважното прашање што ги засега децата: како ја замислуваат иднината на образованието и како подобро да се надгради образованието по КОВИД-19", се вели во објавата на УНИЦЕФ.