Dzihat Aliju
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одржа програмата за 15 јули – Победа на демократијата и комеморација за загинатите херои, организирана од страна на Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа активност организирана по повод првата годишнина од обидот за државен удар во Турција на 15 јули, од страна на терористичката организација ФЕТО, учествуваа Аднан Ќахил, министерот без ресор во Владата на Македонија, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, претставници на турските институции и здруженија во земјата, како и бизнисмени.
По прикажаното видео под наслов „15 јули – Победа на демократијата и националната волја“, подготвено од страна на турското Претседателство, амбасадорката Кара во своето обраќање истакна дека 15 јули е ден кога се тагува по загинатите херои, и ден за прослава на празникот на демократијата, денот кога демократијата не беше предадена на рацете на пучистите.
Кара потсети дека ноќта на 15 јули, кога се случи обидот за државен удар, граѓаните од секоја заедница и од секоја политичка категорија излегоа на улиците.
„Се соочуваме со една нова генерација на терористичка организација. Оваа организација собирала парични средства од бизнисмените за своите валкани работи во име на добротворни цели, средствата, милиони долари ги переле преку големите холдинг компаниии и банки, и ги користеле за финансирање на 15 јули. Со преземените мерки, структурата на оваа организација во Турција доби голем удар“, истакна Кара.
Турската амбасадорка истакна дека заканата од ФЕТО не е ограничена само на Турција и додаде: „Нејзините соработници сè уште се меѓу нас. Со жалење истакнувам дека тие сè уште продолжуваат со своите активности во Македонија: училиштата, медиумските институции, како и компании поврзани со оваа терористичка организација. Чекаме да се примени одлуката за ставање крај на институциите поврзани со ФЕТО во Македонија, донесена во изминатиот период“.
Од друга страна, министерот без ресор, Ќахил, нагласи дека во една демократија владата е избрана од страна на народот, и дека ова е принцип на парламентарната демократија.
Ќахил посочи дека владата избрана од страна на народот не може да се сруши со државен удар или на кој било друг начин. „Ние ќе бидеме заедно со нашите браќа кои живеат во Турција. И сега сме заедно, и во иднина ќе биде така. Тоа е наша демократска перцепција. Оние што размислуваат за каков било државен удар, нека размислат добро затоа што ќе се соочат не само со народот кој живее во Турција, туку и со сите народи во светот што ги знаат и ги разбираат Турците и демократијата“, рече Ќахил.
Ќахил истакна дека посакува ова да не се повтори каде било во светот, особено не во Турција и посочи оти македонската држава и Турците кои живеат во земјата секогаш ќе стојат зад турскиот народ.
Претседателот на МУСИАД Балкан, Билал Кара, пренесе дека тука се собрани заедно во спомен на загинатите херои од 15 јули, и да се потсетат на победата на демократијата освоена со отпорот на народот.
По оваа програма, присутните имаа можност да ја посетат изложбата на којашто беа изложени фотографии направени за време на обидот за државен удар на 15 јули и по него, од страна на фоторепортерите на Anadolu Agency (AA).
Во рамките на оваа програма ќе се организираат различни активности и во Косово, Босна и Херцеговина, како и во Грција од страна на МУСИАД Балкан.
Исто така, од страна на МУСИД Балкан, на различни локации во Скопје беа поставени билборди со натпис: „Никогаш нема да го заборавиме 15 јули“.