Furkan Abdula,Admir Fazlagikj
04 Јули 2022•Ажурирај: 05 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје продолжија протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дел од демонстрантите кои протестираа пред Владата ја поминаа заштитната ограда и се судрија со полицијата. Тие фрлаа со јајца, шишиња и други предмети кон полицијата, и кон зградата на Владата.
Потоа, демонстрантите се упатија кон Собранието на Северна Македонија, каде го искажаа своето незадоволство од францускиот предлог.
По овој случај ситуацијата беше смирена, и е под контрола, додека демонстрантите порачаа дека ќе продолжат со протести.
Во изминатите денови лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот и според него ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското претседателство пристигна нов предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека новиот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградени ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе до отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.