Edıta Zekjırovıkj
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ), продолжија втора недела по ред, јавува Агенција Анадолија (АА).
Осми ден по ред, под мотото „Ултиматум - не благодарам“ демонстрантите протестот го започнаa пред Владата на Северна Македонија, потоа се упатија кон зградата на Министерството за правда, а оттаму продолжија кон Собранието на Северна Македонија, каде го искажаа своето незадоволство од францускиот предлог.
Протестите поминаа без инциденти, а демонстрантите порачаа дека ќе продолжат со протести во наредните денови.

Според соопштението од Собранието на Северна Македонија, на денешната редовна координација свикана од претседателот на Собранието, Талат Џафери, нема договор за тоа кога би се одржала седницата на која пратениците треба да расправаат по доставената Информација за преговарачката рамка во врска со францускиот предлог.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.

Во изминатите денови, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот и според него ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.