Shpetim Hiseni
04 Април 2025•Ажурирај: 09 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, изјави дека светот е навлезен во многу турбулентна фаза, нагласувајќи дека луѓето во моментов речиси никаде не се безбедни, јавува Анадолу.
„Пораките се и слични и различни, во зависност од амбиентот и регионот, меѓутоа јасно е дека светот влезе во многу турбулентна фаза, дека слободата тешко може да се оствари во услови на опасност по безбедноста, речиси никаде не сме безбедни“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова, по состанокот на шефови на држави и влади на „Акаба-процесот за Балканот III“ во Софија.
Како што соопштува новинската агенција МИА, посетата се реализира на покана на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, и кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори.
Сиљановска-Давкова ја оцени иницијативата како „извонреден чекор“, посочувајќи дека во случајот, Акаба-процесот бил концентриран на безбедноста во регионов и споделените мислења и ставови биле дека уште во „времето на распаѓањето на Југославија се појавиле радикални, екстремни поединци, групи, дури и цели движења“, и оти тоа денеска, „постои во европски рамки и на Исток“.
„Причините се повеќе, причините меѓу останатото се во коренот на фактот што се појавија т.н. пропаднати држави и ќе се појавуваат пропаднати држави, држави во кои луѓето не можат да обезбедат пристоен живот и сиот живот го собираат во една торба и тргнуваат во непознатото. Тргаат, преку Балканот и кон Европа“, изјави Сиљановска-Давкова.
Македонската претседателка говорeше и на првата сесија од состанокот насловена „Идентификување и разбирање на заканите“.
Форумот „Акаба-процес за Балканот III“ е продолжение на претходните состаноци на оваа тема, одржани во рамките на иницијативата - во 2016 година во Акаба, Јордан, и во 2018 година во Тирана, Албанија.
Целта на форумот во Софија е државните лидери од Југоисточна Европа, заедно со претставниците на влади, институции и партнери на „Процесот Акаба“, да ја анализираат безбедносната архитектура на Балканот, да разговараат за регионалните механизми за размена на информации и да ги координираат напорите во борбата против илегалната миграција, тероризмот, радикализацијата и екстремизмот.