Seyyid Emin
23 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
СКОПЈЕ
Поради мерките што се преземаат во рамките на превенцијата од ширењето на новиот тип коронавирус (Ковид-19), муслиманите што живеат во Северна Македонија „тивко“ влегоа во месецот на постот Рамазан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Муслиманското население во Скопје ги извршува набавките, подготвувајќи се за месецот на постот Рамазан, но поради пандемијата на новиот тип коронавирус нема да биде во можност своите дневни верски молитви, ниту Терави-намазот - вечерна молитва која се извршува во текот на месецот Рамазан - да ги изведува во џамиите.
Селаетин Идриз, кој тргуваше на „Бит-пазар“, еден од најголемите и најстари пазари во Скопје, за АА изјави дека веќе 50 години е трговец во Скопската турска чаршија.
Истакнувајќи дека поради пандемијата на Ковид-19 чаршијата е многу празна, Идриз продолжи со зборовите: „И месецот Рамазан ќе помине малку тажно, но се надевам дека ќе има добра програма што ја емитираат турските тв-канали. За жал, скопските џамии се затворени. Нема да има средби, а како активности на нашите национални канали многу ретко има програми. Ние ја завршивме нашата набавка на производи. Пазарот е разумен, нашиот пазар е секогаш таков.“
Назми Мурати, кој веќе 20 години работи на скопскиот „Бит-пазар“, рече дека досега на пазарот немало многу голема раздвиженост, но почнувајќи од денес, благодарение на почетокот на Рамазан, истакна дека забележува поголема раздвиженост.
„Дај Боже Рамазан да донесе добрини и на добар начин ќе го испратиме. Ако даде Господ, коронавирусот ќе исчезне и ќе се ослободиме од ситуацијата во која се наоѓаме.“
Абдуљкадир Куртиш, изјавувајќи дека поради мерките воведени за превенција од ширењето на Ковид-19 постарите лица не се во можност почесто да одат на пазар, истакна: „Има многу малку народ. Овие времиња станаа многу лоши со појавата на коронавирусот. Претходно беше подобро, но сега е многу слабо. Цените малку паднаа. Една недела претходно цените беа повисоки, но сега малку паднаа. Рамазан е многу убав месец, кога би можело и џамиите да се отворат, би било многу подобро.“
Во рамките на превентивните мерки и неодржување молитви во џамиите поради Ковид-19, џамијата „Мурат-паша“, која традиционално со векови продолжува да дава ваз (проповед кај муслиманите) и хутба (проповед во рамките на петочната молитва кај муслиманите) на турски јазик, почна пред пладневната молитва да ја објавува проповедта преку звучници, со што таа може да се чуе и надвор од џамијата.
По предлог на Исламската верска заедница на Северна Македонија, средбите и проповедите што се одржуваа во голем број џамии претходните години за време на месецот на постот Рамазан, оваа година ќе се изведуваат онлајн преку социјалните мрежи.
Во исто време исчистени се џамиите и нивните дворови, кои се празни поради воведените мерки како заштита од ширењето на Ковид-19.