Abdula Berisha
26 Февруари 2021•Ажурирај: 28 Февруари 2021
СКОПЈЕ
На протестите одржани во Скопје против судската одлука за случајот „Монструм“, ситуацијата стана тензична, откако демонстрантите во неколку случаи се судрија со полициските сили, јавува Агенција Анадолија (AA).
Демонстрантите кои го започнаа маршот од паркот во населбата Чаир со цел да пристигнат пред зградата на Владата на Северна Македонија, беа спречени од полициските сили кои формираа полициски кордон пред Трговскиот центар „Мавровка“, каде што се случија судирите.
Организаторите на протестот рекоа дека властите биле информирани за протестот и дека сакаат да го продолжат маршот.
Бедри Хајдари, роднина на некои од осудените во случајот „Монструм“, ги повика полицајците да не го запираат протестниот марш, а во својата изјава истакна дека осудените во овој случај се невини.
Веднаш по читањето на изјавата, некои демонстранти започнаа да фрлаат јајца, камења и други предмети кон полициските сили, а во некои случаи дојде и до физичка пресметка.
За време на интервенцијата, полициските сили употребија и шок-бомби.
Организаторите на протестот се обидоа да ја запрат ескалацијата на ситуацијата и побараа демонстрантите да останат смирени.
П
о неколкуте судири со полицијата, демонстрантите се разотидоа.
- Случајот „Монструм“
Кривичниот суд во Скопје на 23 февруари за случајот „Монструм“ изрече три доживотни казни за сторено кривично дело „тероризам“, а казна затвор од 15 години за помагање кривично дело, казна затвор од 9 години за помагање кривично дело и една ослободителна пресуда.
Судењето за случајот „Монструм” започна на 20 декември 2012 година. Предмет на овој случај е убиството на 5 лица на 12 април 2012 година кај Смилковското Езеро во околината на Скопје.
Во јуни 2014 година, 6 обвинети лица во процесот „Монструм“ се осудени на доживотна казна затвор. Едно лице беше ослободено од обвинението.
Врховниот суд на 24 ноември 2017 година донесе одлука предметот „Монструм“ да се отвори повторно, а осудените лица да се пуштат од затвор под мерка на претпазливост.
Неутврдената фактичка состојба, како и евентуалното постоење на прислушувани разговори што би можеле да го сменат текот на постапката, беа причините за Обвинителството да поднесе барање до Врховниот суд за носење одлука за повторно отворање на овој случај.