Abdula Berisha
26 Јануари 2021•Ажурирано: 27 Јануари 2021
СКОПЈЕ (АА) - Група сметководители и овластени сметководители денеска протестираа пред Владата на Република Северна Македонија за да изразат револт од неспроведувањето на нивните барања за продолжување на роковите за доставување даночни и финансиски извештаи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Билјана Премуш, претставничка на сметководителите, рече дека тие биле принудени да ги напуштат канцелариите и да организираат протести за да побараат продолжување на роковите, бидејќи и тие се погодени од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19).
„Оваа година соочени уште повеќе со здравствената криза и со проблемите на кои наидовме, со роковите коишто нас ни се наметнуваат од институциите, пред сè од Управата за јавни приходи, со обрасците коишто се воведуваат постојано, моравме да се организираме и да побараме продолжување на роковите“, рече Премуш.
Таа се пожали и на нефункционирањето на Институтот за сметководители, каде што, како што истакна, треба да се решат проблемите со кои се соочуваат.
Премуш вели дека на 18 јануари поднеле барање за кое не добиле никаков одговор од институциите.
Таа појасни дека Управата за јавни приходи (УЈП) ги одложила роковите за 4 дена, но нагласи дека тоа е вообичаена практика поради преоптоварување на системот на УЈП и дека за сметководителите ова одложување не е доволно.
„Во нашето барање ние доставивме да биде 30 дена одложување, а исто така во барањето наведовме повеќе наши проблеми, меѓу кои и да се одложат сите финансиски извештаи, годишни сметки коишто следат допрва, и ревизорските извештаи секако, барем за 45 дена“, истакна Премуш.