Admir Fazlagic
10 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Република Северна Македонија соопшти дека во последните 24 часа се потврдени 125 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со овој вирус во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 3.364, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за здравство, регистрирани се 7 смртни случаи, со што вкупната бројка на починати лица од последиците на Ковид-19 изнесува 164. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 6 оздравени пациенти, а вкупната бројка на оздравени пациенти од Ковид-19 е 1.664, додека во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.536.
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.019 тестирања, а вкупната бројка на направени тестирања за овој вирус изнесува 39.033.
Владата на Република Северна Македонија на вчерашната 63. седница не донесе одлука за повторно воведување полициски час, што беше предложено од Комисијата за заразни болести поради зголемениот број на потврдени случаи со Ковид-19.
Владата соопшти дека на вчерашната седница во врска со спречувањето на внесување и ширењето на коронавирусот (Ковид-19) заклучила да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 30 мај, објави дека донел одлука за продолжување на вонредната состојба во траење од 14 дена. Вонредната состојба во земјата беше воведена на 18 март во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот.