Admir Fazlagic
16 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека почина пациент од Струшко на возраст од 50 години, со што бројката на смртните случаи од Ковид-19 во земјата се искачи на 46, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Министерството за здравство, во изминатите 24 часа се потврдени 107 нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во Северна Македонија изнесува 1081.
Од потврдените 107 случаи во изминатото деноноќие, 44 случаи се регистирани во Куманово.
Во последните 24 часа направени се 660 теста на Ковид-19, а досега во земјата се направени вкупно 10.422 тестирања.
Вкупната бројка на излекувани пациенти од Ковид-19 во земјата изнесува 121.
Потсетуваме, Владата на Северна Македонија донесе одлука за ограничување на движењето на граѓаните за време на претстојниот викенд, вклучително и понеделник, односно од петок 17 април од 16 часот до вторник 21 април, до 05 часот, на територијата на целата држава, поради велигденските празници.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска изјави дека ќе донесе нова одлука за прогласување вонредна состојба низ целата земја за борба против ширењето на Ковид-19. Првата одлука за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава во траење од 30 дена, претседателот Пендаровски ја објави на 18 март.