Şerife Çetin,Kayhan Gül
07 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
БРИСЕЛ (АА) - Во базата во Брисел денес е одржана свеченост по повод приемот на Црна Гора во НАТО, а на јарболот пред базата е подигнато црногорското знаме, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченоста присуствуваа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.
„Црна Гора стана наша рамноправна членка. Отсега таа има свое место на нашата маса и има рамноправен збор во креирањето на иднината на сојузот“, порача Столтенберг во таа пригода.
Истакнувајќи дека приемот на Црна Гора е јасен показател за политиката на отворени врати, првиот човек на НАТО, Столтенберг, изјави дека членки на НАТО можат да станат сите земји што тоа го сакаат, а кои претходно ќе ги спроведат потребните реформи, ќе воспостават владеење на демократијата и правото, ќе ги преземат своите обврски и ќе покажат дека можат да придонесат за колективната безбедност.
„Ова е историски ден, не само за Црна Гора и за НАТО, туку е важно и за меѓународниот мир, безбедноста и стабилноста на Балканот“, порача Столтенберг.
Претседателот на Црна Гора, Вујановиќ, во таа пригода изјави дека црногорското знаме се виори во Брисел како симбол на безбедноста и просперитетот.
„Ние сме сојузник на кого секогаш ќе можете да се потпрете“, порача Вујановиќ.
Вујановиќ ја повика црногорската опозиција којашто се противи на влезот на таа земја во НАТО, да го прекине бојкотот и да се врати во Парламентот на Црна Гора, и додаде дека членството во најсилниот светски сојуз ќе ги забрза процесите и преговорите во таа земја.
„Членството во НАТО не е крај, туку почеток за Црна Гора. Нашето знаме вечно нека се виори на јарболите на НАТО“, изјави Вујановиќ.