Besar Ademi
29 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Македонија потпиша меморандум за разбирање со Министерството за енергетика на САД, кој има за цел спречување на илегалната трговија со нуклеарни и други радиоактивни материјали, јавува Anadolu Agency (AA).
Меморандумот беше потпишан од страна на министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, и амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли, кои истакнаа дека во ноември од американската Национална администрација за нуклеарна безбедност (NNSA) за соодветните гранични служби на Македонија ќе бидат донирани два мобилни системи за детекција, посебно специјализирани возила со дополнителна современа опрема – вредни околу 550.000 американски долари.
Според министерот Спасовски, овој меморандум претставува нова нормативна рамка за интензивирање на досегашната заедничка и плодна соработка од аспект на контрола на извозот и граничната безбедност.
„Со меморандумот се отвораат конкретни можности и за ескпертско, односно стручно оспособување на наши службеници во областа не нелегална трговија со нуклеарен или друг радиоактивен материјал во областа на нуклеарен имплус на зголемување на нивото на заштита како во национални, така во регионални и во меѓународни рамки“, рече Спасовски.
Од друга страна, американскиот амбасадор Бејли нагласи дека овој меморандум има за цел техничка соработка, поконкретно инсталирање нови и подобрување на постоечките системи на граничните премини и на други локации во Македонија.
„САД се посветени да работат со Македонија за зајакнување на нејзините граници. Силни граници го олеснуваат преминот на легитимните патници, го спречуваат криминалот и корупцијата, и нè штитат од тие што сакаат да ни нанесат штета“, додаде Бејли.