Vesna Besic
19 Септември 2024•Ажурирај: 21 Септември 2024
САРАЕВО (АА) - Министерската конференција „Sarajevo Migration Dialoguе“ беше отворена денес на Јахорина, јавува Анадолу.
На отворањето говореа министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, државната секретарка за миграција на Швајцарија, Кристин Шранер-Бургенер, и директорот за Шенген, граници и визи во Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи на Европската комисија, Хенрик Нилсен.
На регионалната конференција посветена на стратегиското решавање на предизвиците во управувањето со миграциите учествуваат околу 160 претставници, директори на полиции, претставници на меѓународни организации и експерти од областа на миграциите.
Министерот Нешиќ истакна дека овој собир не е само доказ за посветеноста на решавањето на миграциите туку и одраз на колективната посветеност на безбедноста и меѓународната соработка.
„Денес, додека го отвораме овој дијалог, стоиме на историскиот крстопат соочувајќи се со еден од најголемите глобални предизвици на нашето време - миграциите. Ниту една нација не може сама да ги реши овие проблеми. Ние веруваме дека зајакнатата соработка и дијалогот меѓу земјите и регионите се од клучно значење. Посветени сме на блиската соработка со нашите соседи, меѓународни партнери и организации за изградба на сеопфатна и инклузивна миграциска политика“, нагласи Нешиќ.
Тој потсети дека силата и одговорите на овие предизвици со единство и напредок се можни само преку дијалог. Нагласи дека оваа конференција служи како платформа за промени, каде што се раѓаат иновативни идеи, се зајакнуваат партнерствата и се изнаоѓаат решенија што водат кон мир, стабилност и просперитет за сите земји од регионот.
Државната секретарка за миграции на Швајцарија, Шранер-Бургенер, истакна дека Босна и Херцеговина и Швајцарија имаат заеднички предизвици и затоа е многу важно да се продолжи соработката и да се зајакне партнерството.
Швајцарија е подготвена да ги сподели искуствата во управувањето со миграциите и да продолжи да ја поддржува Босна и Херцеговина во оваа област, нагласувајќи дека на овој начин придонесува за зголемување на општата безбедност во регионот и во ЕУ.
„Sarajevo Migration Dialoguе“ е стратегиска иницијатива насочена кон решавање на сложените миграциски предизвици со кои се соочуваат Босна и Херцеговина и поширокиот регион на Западен Балкан. Преку отворениот дијалог, кој Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина успешно го организира веќе четврта година, се поттикнуваат соработката, размената на најдобри практики и развојот на сеопфатни решенија за управување со миграциите.
Клучните теми на годинашната четврта конференција „Sarajevo Migration Dialogue“ беа посветени на новиот Пакт на Европската Унија во областа на миграцијата и неговите импликации врз земјите од регионот, регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во областа на миграциите, соработката со ФРОНТЕКС, борбата против трговијата со луѓе и шверцувањето мигранти и унапредувањето на политиката за враќање и реадмисија.