Admir Fazlagic
20 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - По гласањето на предлогот за пристапување кон измена на Уставот на епублика Македонија, пораки со честитки до премиерот Зоран Заев упатија политичките пертставици од регионот и Европа, пренесува авува Anadolu Agency (AA).
„Честитки до мојот пријател Зоран Заев. Вечерашното гласање е голем чекор кон заедничкиот успех, мошне важен чекор за мирна и просперитетна иднина на нашите народи", напиша грчкиот премиер Алексис Ципрас на својот профил на Твитер.
„Голем ден за демократијата во Скопје. Им честитам на сите кои одлучија да чекорат на патот кон ЕУ", напиша на социјалната мрежа Твитер еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, по одлуката на македонското Собрание да се пристапи кон промена на Уставот во согласност со Договорот од Преспа.
„Очекувам целосно да се почитува слободниот избор на сите пратеници, особено на оние кои вечерва поминаа низ преминот. Потребно ни е државништво, а не партиски игри", пишува еврокомесарот Хан.
Своја порака со честитка на македонски јазик, на социјалните мрежи упати и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.
„Еден глас еден голем чекор поблиску до заземање на местото кое ви припаѓа во нашата трансатлантска заедница", се вели во пораката на Туск, објавена на социјалните мрежи.
„Изгласувањето на одлуката од страна на македонскиот Парламент за пристапување кон измени на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа, го поздравија и политичките лидери од регонот. Претседателот на Албанија, Илир Мета, го оцени како значаен чекор кој ја ослободува Македонија од повеќегодишниот интеграциски грч.
„Гласањето во македонското Собрание за иницијативата за уставни промени претставува значаен чекор, надеж и верба дека процесот за членство на Македонија во НАТО и ЕУ е на вистинскиот пат", напиша Мета на својот фејсбук профил.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, оцени дека усвојувањето на уставните измени во Собранието на Македонија, како дел од Договорот со Грција за решавање на спорот за името, е добра вест и за Косово и за регионот.
Премиерот Харадинај на својот профил на Фејсбук напиша дека „визијата, храброста и политичката зрелост на македонското раководство и народот се клучни за издигнување над не така лесното историско минато и за завршување на едно од најтешките несогласувања во регионот.“
„Евроатланската ориентација на земјите од Западен Балкан е од витално значење за зачувување на мирот и стабилноста во регионот“, порача Харадинај.
И претсеедателот на Косово, Хашим Тачи, оцени дека Македонија го избрала патот на евроатланските интеграции и направила голем чекор кон јакнење на мирот во целиот регион.
Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, упати честитка до премиерот Зоран Заев и до граѓаните на Македонија.
„Собранието на Македонија синоќа ја усвои одлуката за почеток на уставните измени. Со тоа го отвори патот кон евроатланските интеграции. Искрени честитки до почитуваниот премиер и драг пријател Зоран Заев и до македонскиот народ, а голема поддршка на Алексис Ципрас за ратификација на одлуката во грчкиот Парламент“, напиша Звиздиќ на неговиот профил на социјалната мрежа Твитер.
Потсетуваме, со двотретинско мнозинство на пратениците, Собранието на Република Македонија синоќа го усвои предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, со тоа што 80 пратеници гласаа „за“, а 39 „против“.