БЕЛГРАД (АА) - Односите меѓу Бугарија и Србија од месец до месец се сè подобри, се согласија денес претседателите на двете земји, Румен Радев и Александар Вучиќ во Белград, истакнувајќи дека историското помирување на кои е изградена единствена Европа, мора да го пронајде своето место и на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
Бугарскиот претседател Румен Радев, за кого ова е прва посета на Србија, свечено беше пречекан од српскиот претседател Вучиќ во Палатата Србија, истакна дека му е мило што може да ги продолжи разговорите за важни теми со Вучиќ.
На заедничката прес-конференција, Радев истакна дека го уверил Вучиќ оти Србија може да смета на поддршката на Бугарија за нејзиниот европски пат, бидејќи, како што рече, само заеднички може да се гарантира стабилноста, перспективноста и безбедноста на целиот регион.
„Историското помирување на кое беше изградена единствена Европа, мора да го пронајде своето место и на Балканот, и мораме сите заеднички да работиме на тоа“, рече тој.
Додаде дека и јазикот на омраза мора да остане во минатото.
„На негово место треба да дојде соработката. Ова е нашата шанса и ние сме свесни за тоа, но за тоа мора да бидат свесни и сите земји во нашиот кревок регион“, додаде Радев.
Тој наведе дека Бугарија смета оти 2025, како година кога Србија би можела да стане членка на Европската Унија, е амбициозен, но остварлив рок.
„Денес можеме да кажеме дека односите меѓу двете земји се на такво ниво што доминираат позитивните процеси, ние сме решени да работиме заеднички и тоа да биде една перспектива“, рече тој.
Радев говореше и за дијалогот меѓу Приштина и Белград под покровителство на ЕУ, истакнувајќи дека тој дијалог нема алтернатива и дека мора да се пронајде решение за прашањето за Косово, така што Србија да нема пречки на својот европски пат.
„Но, мора да бидеме внимателни, бидејќи аргументите на српската страна мора внимателно да се анализираат, бидејќи ако тие се занемарени, се сомневам дека ќе биде можно долгорочно решение“, рече претседателот на Бугарија, која ја призна независноста на Косово.
Бугарскиот претседател кажа дека на денешната средба станало збор и за автопатот Софија - Ниш, додавајќи дека Бугарија заостанува во својот дел од работата, но дека смета оти нивниот дел од автопатот ќе биде готов до 2022 година.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, изјави дека е многу среќен што за првпат во Србија е домаќин на претседателот Радев и што може да констатира дека односите меѓу двете земји, од година во година, од месец во месец, се сè подобри.“
„Имаме добар политички дијалог, економските резултати покажуваат дека нашата соработка напредува со добра брзина. Минатата година за првпат ја преминавме вредноста на трговска размена од милијарда евра“, наведе Вучиќ.
Тој укажа и на големиот туристички потенцијал на двете земји, и дека Србија во првите четири месеци од оваа година имала дополнителен раст од 10,8 отсто во однос на приливот на бугарски туристи. Вучиќ особено им се заблагодари на Радев и на Бугарија за поддршката на Србија на нејзиниот европски пат.
Српскиот претседател истакна и дека е благодарен за тоа што по прашањето на Косово, Бугарија, и покрај тоа што ја има признаено независноста, смета дека ставовите на Србија и на српската страна мора да бидат слушани.
„Ние сме благодарни за тој вид на почит и умееме да ја цениме“, рече Вучиќ и додаде дека на продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел во недела на 24 јуни ќе оди да разговара, повторувајќи дека е прилично обесхрабрен, но дека неговата работа е да се бори за интересите на српскиот народ.
Говорејќи за судирите меѓу двете земји во минатото, српскиот претседател нагласи дека е време тие да се надминат во целост, да се почитуваат мртвите од двете страни и да се отвори страницата на иднината.
Како што објасни, Србија е подготвена и за значително финансирање на медиумите на бугарски јазик, и дека е подготвена да исполни сè со цел припадниците на бугарското национално малцинство во Србија да ги остварат сите свои права.
„Имавме многу продуктивни и добри средби и верувам дека со нашата сè подобра соработка ќе успееме да креираме подобар амбиент меѓу две вистински пријателски земји, и дека нашата економска соработка ќе напредува“, заклучи Вучиќ.
Бугарскиот претседател денес и утре престојува во посета на Србија, во текот на која има средба и со српската премиерка Ана Брнабиќ, а утре двајцата претседатели ќе го посетат Димитровград.