Alma Dekovic
03 Јули 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
САРАЕВО (АА) - Босна и Херцеговина претрпе последици од геноцидните намери не само во Сребреница, туку во целиот ентитет на Република Српска (РС), изјави на редовната сесија на „Круг 99“ Дејвид Петигру, професор по Филозофија и студии за холокауст и геноцид од американскиот Универзитет „Јужен Конектикат“, известува Агенција Анадолија (АА).
„Истражниот совет на Меѓународниот суд за воени злосторства извршени на подрачјето на поранешна Југославија во пресудата на Радован Караџиќ утврди дека постоел заеднички план босанските муслимани и босанските Хрвати трајно да се отстранат од териториите на кои босанските Срби сметале дека имаат право. Република Српска е создавана од 1992 до 1995 година, со систематски, елиминациски зафати, чии геноцидни намери можат да се разберат кога ќе се споредат податоците од Пописот на населението во бројни општини од 1991 и 2013 година“, рече проф. Петигру, кој на онлајн сесијата на „Круг 99“ зборуваше за темата „Транзиционо право и право на вистина и меморијализација на БиХ“.
Во таа прилика тој рече дека транзиционата правда бара чесно да се признаат меѓународната агресија, геноцидот и други воени злосторства извршени над БиХ и да се почитуваат човековите права на вистина и меморализација поради правдата, со цел злосторствата веќе никогаш да не се повторат.
„Човечките права на вистина и меморализација се разгледувани како составен дел од стратегијата за транзициона правда и изградба на државата во БиХ, со пристапување во Европската Унија и НАТО“, рече Петигру.
Тој истакна дека и покрај разорните последици на документираните злосторства од страна на здруженијата на жртвите во Фоча, Калиновиќ, Приједор, Вишеград и други места во РС, строго е забрането поставување спомен-обележја, спомен-плочи или основање на музеи.
„Вакви забрани се дел од систематското негирање на геноцидот и другите воени злосторства во РС и претставуваат кршење на човековите права на вистина и меморализација“, порача проф. Петигру.
Тој го повика високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, да работи со здруженијата на жртвите и да ги искористи своите бонски овластувања за поставување споменици и отворање музеи на местата на поранешните концентрациони логори и други места на злосторства.
Хасан Шеховиќ, претседател на Светскиот сојуз на дијаспора на БиХ, рече дека дијаспората претставува „армија на луѓе“, кои бегајќи од воениот виор ги напуштиле своите домови и се раселиле во повеќе од 60 земји во светот.
„Трендот на иселување од БиХ продолжува и денес, така што имаме повеќе од 2 милиони жители на БиХ кои живеат надвор од границите на својата држава. Тоа е околу 57% од населението. БиХ за жал, е прва во Европа, а седма во светот по процентот на население кое живее надвор од сопствената држава“, истакна Шаховиќ.