Bojana Stojanovic
14 Април 2019•Ажурирај: 15 Април 2019
БЕЛГРАД (AA) - Собраните на протестот против власта под мотото „Сите како еден - Еден од пет милиони" вечерва во Белград изнесоа барања за формирање заедничка комисија на власта и опозицијата за дефинирање фер и чесни изборни услови, а доколку барањата не бидат исполнети во рок од пет дена најавија повторно собирање следната сабота, јавува Anadolu Agency (AA).
На платото пред Собранието на Србија прочитани се барања и за избор на нов состав на Регулаторно тело за електронски медиуми (РЕМ) и избор на уреднички тим на Радио-телевизија на Србија (РТС)и Радио-телевизија Војводина.
Претставниците на протестот наведоа дека се подготвени за разговор со надлежните органи и дека во неколку наредни дена ќе делегираат претставници за сите три предложени работни групи, најавувајќи дека власта има рок од пет дена на барањата да им одговори позитивно, а доколку тоа не се случи, тие повторно ќе се соберат следната сабота.
На собраните на платото на Собранието нешто по 15 часот кога започна протестот, се обрати професор на Факултетот на политичките науки Чедомир Чупиќ, кој наведе дека претседателот на Србија Александар Вучиќ во своите раце „ја зеде целата извршна и законодавна власт".
Новинарот Срѓан Шкоро рече дека Србија е првата држава во светот во која власта најави штрајк со глас да ја смени опозицијата.
„Тие сакаат да штрајкуваат со глад да го сменат овој народ. Па каде го има тоа", рече Шкоро.
Лидерот на опозициското Движење на слободни граѓани, Сергеј Трифуновиќ рече дека е „веќе доста со навивачка филозофија".
Граѓаните во потполност го исполнија целиот простор околу Собранието - од Плоштадот Никола Пашиќ до Главна пошта, како и почетокот на Булеварот крал Александар и кнез Милош.
Потоа протестната колона тргна од Собранието на Србија до зградата на Владата на Србија, потоа до Славија и повторно до Собранието каде се обратија опозициските политичари.
„Ние никогаш нема да се откажеме додека Србија повторно не биде слободна", рече претседавачот на опозицискиот Сојуз за Србија Бошко Обрадовиќ.
Собирот траеше повеќе од четири часа.