Besar Ademi
22 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Со иницијатива на социјалните мрежи, група граѓани се собраа на Камениот мост во Скопје за да го изразат својот револт против евентуалното прекфалификување на делото во случајот на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово, кој пред две години почина откако беше прегазен со возило по една расправа меѓу неговиот татко и обвинетиот за убиство, Бојан Илиќ, јавува Anadolu Agency (АА).
Групата демонстранти од Јавното обвинителство на Република Македонија побараа да не го прекфалификува случајот од „обид за убиство” во „сообраќајна несреќа со смртен исход”. Со слоганот „Обвинителите го убиваат Алмир по вторпат” групата граѓани тие маршираа до републичкото обвинителство, каде што симболично положија цвеќиња пред влезот на објектот.
Дијана Тахири, една од организаторите на иницијативата, рече дека од сите изведени докази јасно се гледа оти постои намера на обвинетиот за убиство и во никој случај не може да се смета како друго кривично дело освен „убиство”.
„Случајот, како што се гледа и од видео-снимките, се однесува на класично убиство извршено со умисла. Не сакаме овој случај да биде еден од оние со кој ќе го утврдуваме постоењето на селективна правда. Не смееме да дозволиме правдата да зависи од етничката припадност на обвинетиот, жртвата или други извршители на дела“, изјави Тахири.
Според организаторите на иницијативата, преку преквалификација на случајот се цели намалување на можната казна, бидејќи Кривичниот законик предвидува казна од најмалку 4 години затвор за несреќа, а најмалку 10 години за „убиство со умисла”.
Инаку, настанот кој резултираше со смртта на Алмир Алиу се случи на 25 јуни, 2016 година, кога обвинетиот го удри со автомобил четиригодишното дете заедно со неговите родители, по расправа помеѓу родителот на Алмир и обвинетиот. Алмир помина околу една недела во интензивна нега, додека на 2 јули почина во клиниката во Скопје.
Настанот во тоа време предизвика бројни реакции и револт во јавноста.