Malik Hasa
18 Февруари 2017•Ажурирај: 19 Февруари 2017
ТИРАНА (АА) - Во главниот град на Албанија, Тирана, десетици илјади поддржувачи на опозицијата поставија шатори пред зградата, барајќи оставка од Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
На протестот организиран од страна Демократската партија, главната опозициска партија во Албанија, покрај претседателот на партијата, Луизим Баша и останатите партиски членови, учестуваа и голем број на граѓани. Демонстрантите, откако се собраа пред зградата на Министерството за внатрешни работи, тргнаа пеш кон зградата на Владата на Албанија.
Пред владината зграда опозицијата извикуваше слогани со кои го изрази незадоволството од падот на економијата во земјата и фактот дека владата не ги исполнила дадените ветувања, барајќи Владата да поднесе оставка, со што до закажаните избори за јуни месец годинава, со земјата да раководи преодна влада.
Луизим Баша во говорот кој го одржа пред протестантите истакна дека одржаниот протест е најголем протест одржан во историјата на Албанија. „Денеска сме тука бидејќи оваа влада земјата ја влече во сиромаштија и хаос. Сакаме фер и чесни избори. Сакаме владата да се оддели од криминалните организации. Сакаме правда, работа и благородна иднина”, зборуваше Баша пред насобраните протестанти.
Премиерот Еди Рама преку својот профил на социјалните мрежи се осврна на протестите во Албанија, истакнувајќи дека внимателно ги следи сите барања и незадоволства од страна на граѓаните.
Во меѓувреме, собраните граѓани на протестот истакнаа дека нема да се повлечат од пред зградата на Владата се додека таа не поднесе оставка. Полицијата презема големи безбедносни мерки во околината на владината зграда.