Derya Gülnaz Özcan
04 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
АТИНА (АА) - Грција ќе изгради Пловечка единица за складирање и регасификација (FSRU) на течен природен гас (LNG) во Дедеагач, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На свеченото отворање, чиј домаќин беше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, присуствуваа претседателот на Советот на Европската Унија (ЕУ), Шарлс Мишел, бугарскиот премиер Кирил Петков, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
- „Алтернатива на руските ресурси на природен гас“
Мишел, оценувајќи го проектот како нов чекор кон енергетската независност на Европа, рече: „Овој нов терминал за течен природен гас (LNG) ќе придонесе за диверзификација на нашите ресурси на природен гас, зајакнување на нашата енергетска инфраструктура и нашата постепена независност од фосилните горива од Русија.“
Тврдејќи дека проектот може да биде алтернатива на руските ресурси на природен гас, Мицотакис рече: „По последната уцена на Москва за природниот гас, оваа соработка е неопходна и итна.“
Мицотакис, истакнувајќи ја важноста на природниот гас што ќе продолжи и во наредните години, рече дека главната цел е префрлување на евтини и еколошки извори на енергија.
Премиерот на Бугарија, Петков, рече: „Кога ќе се завршат сите стратешки инфраструктурни работи во регионот во однос на природниот гас, енергијата, цевководите, патиштата и железниците, можеме заедно да постигнеме поголем успех.“
Осврнувајќи се на важноста од диверзификација на изворите на енергија, премиерот Ковачевски рече: „Ова значи сигурност во снабдувањето со енергија.“
Српскиот претседател Вучиќ пак нагласи: „Ќе бидеме подготвени да купиме поголеми количества природен гас.“
- Се очекува проектот да заврши до крајот на 2023 година
Пловечката единица за складирање и регасификација (FSRU) на течен природен гас (LNG) ќе биде закотвена на 17,6 километри југозападно од пристаништето Дедеагач.
Се очекува пловниот објект да биде со капацитет од 153.500 кубни метри и на националниот систем за пренос на гас да му обезбеди приближно 5,5 милијарди кубни метри годишно.
Проектот со буџет од 363 милиони 700 илјади евра се планира да биде завршен до крајот на 2023 година.