СКОПЈЕ
Претседателот на Големото национално собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, се обрати пред пратениците на Собранието на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Наведувајќи дека му е чест да се обрати пред Парламентот на земјата како дел од неговата официјална посета на Република Северна Македонија, која ја опиша како пријателска земја, Шентоп рече дека ги носи поздравите од претседателот Реџеп Таип Ердоган, пратениците на Големото народно собрание на Турција и од турската нација.
Истакнувајќи дека неговата посета се совпаднала со 30-годишнината од независноста на Македонија, Шентоп рече дека е задоволен што е сведок дека Северна Македонија постигнала значителен напредок на секое поле во изминатите 30 години.
Посочувајќи дека луѓето од различни општества, религии и култури силно ја изразија својата волја да живеат заедно во овој процес, како и во минатото, Шентоп рече: „Вие следевте политика што ги штити мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот. Секогаш сте се залагале за градење добри односи и заеднички интереси со соседите. Овие високи цели ги одржувате и денес со истата храброст, поднесувајќи секакви тешкотии.“
Претседателот Шентоп, истакнувајќи дека придаваат значење на завршувањето на интегративниот процес на Северна Македонија во европските и евроатлантските институции и дека посакува пречките да бидат отстранети, нагласи:
„Северна Македонија, која ја зацврсти својата цел во оваа насока со членството во НАТО, несомнено има заедничка иднина и со Европската Унија. Турција силно го поддржува напредокот на процесот за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија.“
- „Турските компании вработуваат повеќе од 5.000 луѓе во Северна Македонија“
Осврнувајќи се на економските односи меѓу двете земји, Шентоп рече:
„Нашите земји имаат важен потенцијал на полето на економските односи. Ние секогаш ги охрабруваме претприемачите во Турција да го искористат максимумот од потенцијалот што го нуди Северна Македонија. Турските компании успешно ја претставуваат нашата земја со потпишувањето голем број проекти и инвестиции во различни сектори. Висината на направените инвестиции достигна 1,3 милијарди долари. Турските компании вработуваат повеќе од 5.000 луѓе.“
Наведувајќи дека соработката на воено поле има долга историја, Шентоп рече: „Нашата соработка на ова поле се прошири со влегувањето на Северна Македонија во НАТО. Нашата поддршка за обука на персоналот и за модернизација на Вооружените сили ќе продолжи. Од друга страна, епидемијата на коронавирусот уште еднаш нè потсети на важноста на соработката и солидарноста на глобално ниво.“
Потсетувајќи дека корените на неговите предци потекнуваат од Гевгелиско, Шентоп рече: „Во основата на цврстите пријателски односи меѓу Турција и Северна Македонија несомнено постојат човечки врски. Турците од Северна Македонија, кои се едни од основачите на оваа земја, се најважната алка на овие човечки врски. Во оваа прилика, со најсрдечни чувства ѝ го честитам Денот на наставата на турски јазик на турската заедница.“
Осврнувајќи се на новиот Закон за државјанство усвоен во Собранието на Северна Македонија, Шентоп нагласи:
„Со усвојувањето на новиот Закон за државјанство во вашето собрание, на луѓето кои имигрирале од Македонија за време на периодот на Југославија и нивните роднини од прв степен овозможено им е во нивната татковина да аплицираат за државјанство на Северна Македонија. Се надевам дека овој процес дополнително ќе ги зајакне врските меѓу нашите народи.“
„Знаеме дека ФЕТО дејствува и во Северна Македонија и очекуваме да се преземат конкретни чекори за да се стави крај на тоа“
Потсетувајќи дека поминале 5 години од обидот за државен удар на терористичката организација ФЕТО, Шентоп истакна:
„Ноќта на 15 јули, многу институции, вклучително и Големото народно собрание на Турција, беа бомбардирани со авиони и хеликоптери од припадниците на ФЕТО, кои се инфилтрираа во Турските вооружени сили. Таа ноќ, под водство на нашиот претседател, нашиот народ презеде херојски став за запирање на овој обид за државен удар. Со решителна борба успеавме да го скршиме нејзиниот 'рбет во Турција. Исто така, постигнавме значителен напредок во нашата борба да го прекинеме влијанието на ФЕТО во земјите каде што таа дејствува. Наша цел е целосно да ја елиминираме структурата на оваа организација која делува во странство. ФЕТО работи во странство под маската на образовна институција. Знаеме дека ФЕТО дејствува и во Северна Македонија и очекуваме да се преземат конкретни чекори за да се стави крај на тоа. Посакуваме нашиот пријател Северна Македонија да го земе предвид фактот дека ФЕТО претставува закана и ризик за националната безбедност не само за Турција, туку и за сите земји каде што е присутна.“
Шентоп, наведувајќи дека економските и комерцијалните модели имале потешкотии да се држат во чекор со новите трансформации, додаде:
„Во меѓународната заедница од една страна се упатуваат повици за соработка и одговор на проблемите, од друга страна, во некои региони и земји се подгреваат конфликтите или се игнорираат. Со овие неприфатливи сфаќања се прекршува принципот на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите. Накратко, парадигмите на кои е изграден сегашниот меѓународен систем не можат да одговорат и да произведат решенија за денешните прашања, проблеми и кризи. Треба да се развие нов дискурс во светската политика против овие парадигми што станаа сомнителни, треба да доминира нов пристап.“
- „Северна Македонија е земја што успешно ја прикажува културата на мирен соживот во балканската географија“
Потенцирајќи дека Балканот секогаш има приоритет во надворешната политика на Турција, Шентоп рече дека желбата на Турција е мирот и стабилноста да бидат трајни и да се прошири просперитетот на Балканот.
Наведувајќи дека Северна Македонија, која се наоѓа во центарот на Балканот, има посебно значење за Турција, Шентоп рече:
„Северна Македонија е земја која успешно ја прикажува културата на мирен соживот во балканската географија. Ова е особено важно во ова време кога нашиот регион минува низ тешки времиња. Завршувајќи ги моите зборови, сакам да истакнам дека ќе продолжиме да ја развиваме соработката со братска Северна Македонија на секое поле и дека секогаш ќе стоиме покрај оваа прекрасна земја. Уште еднаш изразувам задоволство да се обратам до вашето врховно собрание и сите ве поздравувам со мојата најискрена љубов и почит.“