Abdula Berisha
13 Септември 2024•Ажурирај: 14 Септември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, во Софија оствари средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, по што се одржа состанок на македонската и бугарската делегација, пренесува Анадолу.
Како што соопштија од Кабинетот, покрај претседателката Сиљановска Давкова, дел од македонската делегација се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
„На средбата со бугарскиот претседател се разговараше за потребата од засилен развој на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете земји, за текот на пристапниот процес за членство во Европската Унија и искористување на бугарските искуства на тој пат, како и за можностите за поттик и унапредување на билатералната соработка во повеќе области“, стои во соопштението.
Исто така, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека се потребни постојан дијалог и разговор меѓу двете соседни држави членки на НАТО и позитивни примери од двете страни со цел градење на стабилни добрососедски односи.
„Во тој контекст таа го истакна значењето на културната и јавната дипломатија, како и потребата за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, економијата и трговската размена и фокусирање на предизвиците од сегашноста, наместо фокус врз минатото“, се вели во соопштението.
На средбата беа разменети мислења и за развојот на македонско-бугарските односи низ призма на предизвиците на регионално и на глобално ниво, а за кои е потребен заеднички и усогласен пристап.