Балкан

Премиерот Спасовски се состана со турскиот амбасадор Секизќок

„Соопштено е дека Република Турција продолжува да ја поддржува Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ-интеграциите и дека се подобрува соработката на економски план“, се вели во соопштението од прес-службата на Владата

Admir Fazlagic  | 20.01.2020 - Обновена : 21.01.2020
Премиерот Спасовски се состана со турскиот амбасадор Секизќок ( Фото: Прес-служба на Владата на Северна Македонија )

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, се сретна со Хасан Мехмет Секизќок, новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Соопштено е дека Република Турција продолжува да ја поддржува Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ-интеграциите и дека се подобрува соработката на економски план“, се вели во соопштението од прес-службата на Владата.

Како што се наведува, на средбата заеднички е констатиран напредок во односите помеѓу двете држави, особено во областа на економијата, образованието, одбраната, културата

„Изразени се определбите за унапредување на односите меѓу двете држави, за мотивирање на нови турски инвестиции во земјава и за зголемување на трговската размена, којашто и сега е на високо ниво, со оглед на тоа што Република Турција е меѓу десетте држави со коишто Република Северна Македонија има најголема трговска размена“, стои во соопштението, и се додава:

„Како Влада особено сме насочени кон економскиот развој на државата. По решенијата на сите други прашања важни за земјата, со посветеност работиме на развојот во областите што се од директен интерес за граѓаните, како што е економијата. Остануваме посветени на сите инцијативи за олеснување на соработката на овој план меѓу нашите две држави. И посебно сме благодарни за континуираната поддршка на Република Турција во остварувањето на нашите стратешки цели, членството во НАТО и напредокот во евроинтеграциите.“

Како што информираат од Владата, „на средбата е оценето дека со полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, се создаваат можности за поблиска соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и кон заедничките приоритети во рамки на Алијансата“.

„Исто така, изразена е заедничка определба за борба против тероризмот и обезбедување мир во државите и светот“, се наведува во соопштението на прес-службата на Владата на Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.