Балкан

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во Грција се состана со Алексис Ципрас

Лидерот на Сириза и поранешен премиер на Грција, Ципрас, ја потенцира силната поддршка за Северна Македонија за почеток на преговорите за членство со Европската Унија

Furkan Abdula  | 14.05.2021 - Обновена : 15.05.2021
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во Грција се состана со Алексис Ципрас Фото: Влада на Република Северна Македонија

СКОПЈЕ 

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во рамки на посетата на грчкиот главен град Атина се состана со поранешниот премиер на Грција и актуелен лидер на политичката партија Сириза, Алексис Ципрас, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на Владата на Северна Македонија, Заев бил придружуван од страна на вицепремиерите за европски и за економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи.

„Заев и Ципрас изразија задоволство што Договорот од Преспа е силно признаен, препознаен и поддржан од сите чинители во регионот, Европа и пошироко, и што на него се гледа како пример за решавање спорови меѓу други држави“, се вели во соопштението.

Според соопштението, на средбата било нагласено дека денес придобивките од Договорот ги препознаваат и политичките чинители кои од различни причини пред три години се сомневале и не верувале во него.

„Лидерот на Сириза и поранешен премиер на Грција, Ципрас, ја потенцира силната поддршка за Северна Македонија за почеток на преговорите за членство со Европската Унија и порача дека ќе го вложи целиот сопствен капацитет и капацитетот на неговата партија да ја поддржи Северна Македонија во остварувањето на оваа стратешка цел“, се додава во ова соопштение.

Заев и Ципрас се согласни дека ЕУ треба да го исполни ветувањето, кон земјите како Северна Македонија кои покажаа сериозни резултати на европскиот пат и со тоа да се оневозможат нови политички засилувања на националистичките и деструктивните политички чинители на Западен Балкан и во Европа.





На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın