Admir Fazlagic
14 Мај 2021•Ажурирај: 15 Мај 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со амбасадорот Зеф Мази, главен преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ, кој денеска престојува во посета на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
По средбата, двајцата соговорници одржаа заедничка прес-конференција.
„Констатиравме дека и двете земји направија сериозни напори да го одработат своето европско досие. Република Северна Македонија и Албанија заедно го започнаа процесот на објаснувачки скрининг уште во 2018 година, процес кој двете држави успешно го завршија кон крајот на 2019 година. Двете земји во март оваа година добија зелено светло за почеток на преговорите и соодветно двете земји заслужуваат да ги одржат првите меѓувладини конференции и да ги почнат преговорите без никакво одложување. Сакам да посочам дека со господинот Мази констатиравме дека претстојните летни самити на ЕУ претставуваат неповторлива шанса затоа што ЕУ на дело ќе ја покаже кредибилноста на процесот на проширување и со тоа ќе ја зачува европската идеја како главен мотор на позитивни промени во регионот“, истакна Османи.
Тој додаде дека со Мази разговарале и за новата методологија за преговарање со ЕУ.
„Новата методологија предвидува посилно политичко водење на самиот процес на преговори, поголема улога на самите земји членки во надзорот и оценувањето на преговарачкиот процес, со што и улогата на нашата Дипломатска мрежа во престолнините на ЕУ добива дополнително значење и одговорност за успешно водење на преговорите“, рече Османи.
Исто така, Османи истакна и дека е свесен дека едно од најексплоатираните прашања деновиве е прашањето за евентуално одвојување на Албанија од РСМ во однос на евроинтеграцискиот процес, за што рече дека со задоволство констатира дека ги реафирмирале позициите како блиски соседи и искрени пријатели, дека Северна Македонија и Албанија меѓусебно се поддржуваат на патот за европските интеграции и на тој пат можат само да си помогнат, а никогаш да си попречуваат.
Главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ, Мази, рече дека ставот на Албанија во поглед на проширувањето на ЕУ од 1992 година е непроменлив, истакнувајќи дека таквиот пристап треба да го согледаат и самите земји членки на ЕУ.
„Процесот на зачленувањето на нашите земји, во случајот со Албанија, не треба да се прекине, тој треба да се забрза, како за Албанија така и за Република Северна Македонија, да нема повеќе задоцнувања. Задоцнувањата практично нѐ прават сите губитници. Задоцнувањето ќе биде на штета на Албанија поради довербата на граѓаните во процесот на проширувањето и ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ. Процесот на проширување треба да продолжи според стариот принцип на ЕУ, според заслугите“, истакна Мази.
Тој додаде дека Албанија ги исполнила сите барања и услови на Комисијата во март 2020 година за одржување на првата меѓувладина конференција, како и дека ова е потврдено од претседателката на Европската комисија.