Agim Sulaj
04 Јули 2023•Ажурирај: 05 Јули 2023
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Албин Курти, се сретна со премиерот на Холандија, Марк Руте, и со премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, јавува Анадолу.
Курти, кој првично ги прими колегите на Меѓународниот аеродром во Приштина „Адем Јашари“, по средбата во Владата, одржа прес-конференција.
Косовскиот премиер рече дека им се заблагодарил на двајцата премиери кои покрај досегашната помош за Косово ѝ помогнале на земјата на меѓународната сцена на патот кон членството во ЕУ и за визната либерализација.
Тој нагласи дека во однос на дијалогот со Србија, Косово сака европско решение и за тоа рече дека тоа е Основниот договор од 27 февруари и Анексот за имплементација од 17 март „за кои сакаат да се спроведат во целост, без одложувања и без услови“.
„Демократиите се солидаризираат едни со други пред автократиите, така што демократскиот напредок на Косово е можност не само за нашата земја, туку и за ЕУ да ги поттикне реформите и трансформацијата на Западен Балкан“, истакна Курти.
Премиерите на Холандија и Луксембург, Руте и Бетел, му ја пренесоа на Курти нивната загриженост во врска со тензиите на северот на Косово и ја истакнаа важноста од одржување на регионалната стабилност.
Премиерот Руте изјави дека Холандија ги поддржува Косово и Србија на патот на дијалогот, со цел нормализирање на односите.
„Регионалната стабилност е исклучително важна. Денеска ја изразивме нашата загриженост за зголемувањето на тензиите меѓу Косово и Србија. Холандија и Луксембург се обидуваат да ја надминат ситуацијата преку дијалог и да ги нормализираат односите меѓу двете земји. Верувам дека тоа е важно не само за мир и стабилност на регионот, но и за напредок кон интеграцијата во ЕУ“, додаде Руте.
Премиерот на Луксембург, Бетел, говорејќи за дијалогот помеѓу Косово и Србија, изјави дека на крајот нема да има победник доколку дојде до конфликт.
Тој рече дека Луксембург сака да им помогне и да ги сослуша страните, додавајќи дека е потребен отворен дијалог меѓу Косово и Србија.
„Кога беше планирано ова патување, не знаевме дека повторно ќе има тензии, како што се во моментов. Не сме тука да судиме, туку да слушаме и да се обидеме да изградиме мостови кои понекогаш не е лесно да се изградат меѓу соседите. Вчера бевме во Белград, а денес сме во Приштина. За нас е важно да знаеме дека постои водач на дијалогот, а тоа е специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Косово - Србија, Мирослав Лајчак, и Жозеп Борел. За нас тоа се важни чекори за преземање“, нагласи тој.
Бетел рече дека Косово е дел од европското семејство, нагласувајќи дека „како политичари носат одлуки, но луѓето ги трпат последиците“.
Премиерите Руте и Бетел, кои доаѓаат во Приштина по официјалната посета на Белград, беа пречекани и од претседателката на Косово, Вјоса Османи, а во текот на денот ќе имаат средби и со претставници на медиумите и невладините организации.