Zylfije Adem Jakupi
04 Јули 2023•Ажурирај: 05 Јули 2023
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, се сретна со премиерот на Холандија, Марк Руте, и премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, со кои, меѓу другото, разговараше и за актуелната безбедносна ситуација на северот на Косово, јавува Анадолу.
Претседателката Османи рече дека Косово покажало волја за деескалација на ситуацијата, нудејќи да се организираат нови избори на северот на земјата и дека воспоставувањето на редот и законот е во согласност со годините вложувања на државите од ЕУ, со цел промоција, заштита и владеење на правото на целата територија на Република Косово.
Османи ја изрази посветеноста на косовските институции за надминување на предизвиците со партнерите и сојузниците, соопшти Претседателството на Косово.
Во тој контекст, претседателката Османи истакнала дека нападите врз Косовската полиција, ЕУЛЕКС, КФОР, граѓаните и новинарите од страна на илегални и криминални структури на северот на Косово не треба да поминат неказнети.
Во врска со процесот на дијалог со Србија, Османи рече дека Косово продолжува да биде конструктивна страна, додека Србија одбива да ги примени постигнатите договори, како и дека го прекршува последниот бриселски договор постигнат во Охрид.
Косовската претседателка им се заблагодари на Холандија и Луксембург за поддршката во процесот на либерализација на визниот режим за Косово и ги истакна заедничките вредности и цели што ги поврзуваат трите европски земји. Османи нагласи дека барањето на Косово за членство во Советот на Европа и ЕУ е стратегиска ориентација и ја истакна потребата да се поддржи и забрза членството на Косово во овие две организации.
Претседателката и премиерите Руте и Бетел разговараа и за можностите за зголемување на билатералната соработка во различни области од заеднички интерес.
Премиерите на Холандија и Луксембург на аеродромот во Приштина ги пречека косовскиот премиер Албин Курти, со кои се сретна по нивната средба со претседателката Османи.