Elvır Hodzıc
24 Октомври 2022•Ажурирај: 25 Октомври 2022
ЉУБЉАНА (АА) – Во Словенија вчера се одржаа седмите претседателски избори на кои се натпреваруваа седум кандидати. Според делумните прелиминарни резултати, во вториот круг од изборите се пласираа кандидатот на десницата, Анже Логар, и независната кандидатка на центарот, Наташа Пирц Мусар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласачките места низ Словенија беа отворени од 7 до 19 часот.
Објавени се прелиминарните резултати по пребројаните 93,96 отсто од гласовите, а јасно е дека ниту еден од кандидатите не освои апсолутно мнозинство и дека Словенија ќе добие нов претседател во вториот круг, што ќе се одржи на 13 ноември, а во кој ќе се натпреваруваат двајцата кандидати со најголем број гласови.
Според прелиминарните резултати, Логар е во водство со 33,97 отсто од гласовите. Логар е поранешен министер за надворешни работи на Словенија од периодот на Владата на Јанез Јанша, а моментално е пратеник во Народното собрание на Словенија. Тој беше номиниран од д-р Романа Јордан и група гласачи, а има поддршка и од нејзината Словенечка демократска партија (СДС).
Според прелиминарните резултати, Наташа Пирц Мусар ќе се пласира во вториот круг со 26,88 отсто од гласовите. Пирц Мусар е докторка по правни науки и угледна адвокатка која беше кандидирана од Бисерка Маролт Меден и група избирачи. Таа ја има поддршката од поранешните словенечки претседатели Милан Кучан и Данило Тирк. Нејзиниот сопруг Алеш Мусар, еден од најбогатите Словенци, ја поддржува во обидот да стане првата жена претседателка во историјата на Словенија.
Третото место во првиот круг од претседателските избори во Словенија го освои Милан Брглез со 15,41 отсто од гласовите. Брглез веќе ѝ честиташе на неговата конкурентка Пирц Мусар. Се очекува во вториот круг неа да ја поддржат Социјалдемократите и Движењето за слобода, односно шефицата на дипломатијата Тања Фајон и премиерот Роберт Голоб, кои досега го поддржуваа Брглез.
По нив следуваат Владимир Пребилич (10,66 отсто), Сабина Сенчар (5,96 отсто), Јанез Циглер Краљ (4,32 отсто) и Миха Кордиш (2,8 отсто).