Abdula Berisha
22 Јуни 2024•Ажурирај: 23 Јуни 2024
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Северна Македонија почна пленарната седница за избор на нова Влада предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавува Анадолу.
Во објава на социјалните мрежи пред почетокот на седницата, мандатарот Мицкоски истакна дека ова е историски ден и повика на единство.
„Денес е историски ден! Започнува собраниската дебата која ќе стави крај на периодот на неработење, криминал, лоши вредности и разочарувања. Со изборот на новата реформска влада, конечно започнува ново поглавје за нашата земја“, напиша тој.
Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласа мнозинството од вкупниот број на пратеници, односно најмалку 61 од вкупно 120 пратеници.
Потсетуваме дека на парламентарните избори одржани на 8 мај дотогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички места. Коалициони партнери во новата Влада ќе бидат и Коалицијата ВЛЕН (Вреди) која има 14 пратенички мандати и Движењето ЗНАМ со шест пратенички мандати.
- Пет вицепремиери во новиот владин состав -
Според предлогот, новата Влада ќе има вкупно 24 члена вклучувајќи го и претседателот на Владата и петте вицепремиери. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од Движењето ЗНАМ.
Ова се предложените членови на Владата:
Претседател на Владата: Христијан Мицкоски
Заменик претседател на Владата и министер за транспорт: Александар Николовски.
Заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање: Изет Меџити.
Заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење: Арбен Фетаи.
Заменик претседател на Владата за политички систем: Љупчо Димовски.
Заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците: Иван Стоиљковиќ.
Министер за одбрана: Владо Мисајловски.
Министер за финансии: Гордана Димитриеска Кочовска.
Министер за надворешни работи и надворешна трговија: Тимчо Муцунски.
Министер за локална самоуправа: Златко Перински.
Министер за информатичко општество и дигитална трансформација: Стефан Андоновски.
Министер за спорт – Борко Ристовски.
Министер за енергетика, рударство и минерални суровини: Сања Божиновска.
Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство: Цветан Трипуновски.
Министер за култура и туризам: Зоран Љутков.
Министер за внатрешни работи: Панче Тошковски.
Министер за образование и наука: Весна Јаневска.
Министер за здравство: Арбен Таравари.
Министер за социјална политика, демографија и млади: Фатмир Лимани.
Министер за европски прашања: Орхан Муртезани.
Министер за економија и труд: Бесар Дурмиши.
Министер за јавна администрација: Горан Минчев.
Министер за правда: Игор Филков.
Министер без ресор, одговорен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите: Шабан Салиу.