Furkan Abdula
26 Март 2022•Ажурирај: 28 Март 2022
СКОПЈЕ
Советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во Северна Македонија, во Скопје ги промовираше рамазанските активности за 2022 година, при што додели ваучери за помош и стипендии за студентите, известува Агенција Анадолија (АА).
На настанот организиран од страна на Турско-исламскиот сојуз за верски прашања со седиште во Германија и Турската фондација „Дијанет“, се приклучија и волонтерите на овие две организации.
Мустафа Местен, советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во Скопје, во изјавата за медиумите рече дека Турската фондација „Дијанет“ и Турско-исламскиот сојуз за верски прашања повеќе од 40 години организираат верски и добротворни настани и активности за хуманитарна помош, како во Турција, така и на другите простори.
Нагласувајќи дека безбедно ја доставуваат помошта доверена од филантропите до луѓето низ целиот свет, без разлика на верата, расата или сектата, Местен продолжи со зборовите:
„Во овој контекст, како советник за верски прашања на Турската амбасада во Скопје, веќе два дена доставуваме пакети со храна, доделуваме ваучери за помош и стипендии за образование на семејствата кои имаат потреба од тоа и за успешните студенти, заедно со службениците и волонтерите од Турската фондација „Дијанет“ и Турско-исламскиот сојуз за верски прашања.“
Посочувајќи дека како советништво се трудат на најдобар можен начин да ја одржат рамазанската атмосфера во Северна Македонија, Местен изјави дека донациите на филантропите од земјава и од странство ги доставиле до оние на кои им е потребна.
„Покрај тоа, во текот на Рамазан, месецот на постот, ќе дистрибуираме 1.000 примероци од Светиот Куран во Северна Македонија, во рамките на проектот „Нека мојот подарок биде Куранот“ на Турската фондација „Дијанет“. На 1.400 домаќинства како помош им се доставени рамазански кутии и ваучери за купување храна, со што, вкупно 8.000 луѓе имаа придобивка од оваа активност. Покрај тоа, на 120 студенти им е доделена и едногодишна стипендија“, рече Местен.
Јакуп Ајдин, претставник на Турско-исламскиот сојуз за верски прашања, изјави дека оваа организација со години спроведува вакви активности, а оваа година ќе бидат дел од активностите на Балканот, во Северна Македонија, Албанија и Косово.
„Претежно, одевме во африканските земји. Оваа година Германија ангажираше 100 лица за дистрибуција на ифтарските пакети. Дистрибуираме пакети и ја согледуваме состојбата на граѓаните тука“, рече Ајдин.
Абдулкадир Сулка, претставникот на Турската фондација „Дијанет“, изјави дека стипендиите за образование се посебно за Северна Македонија и додаде дека се обидуваат да откријат што е она што е потребно.
„Во текот на месецот Рамазан, ќе се обидеме да го доставиме она што ни е доверено на целиот Балкан, почнувајќи од тука во Северна Македонија, преку Косово, Србија, Албанија, Црна Гора, до Босна и Херцеговина (она што е донирано во Турската фондација „Дијанет“ и во Турско-исламскиот сојуз за верски прашања). Ќе се обидеме овие два дена да се дружиме со нашите сонародници тука, особено во Источна Македонија“, рече Сулка.