АНКАРА (АА) - Поминаа 22 години од операцијата „Сојузнички сили“ (Operation Allied Force), што ја започна НАТО за некои стратешки цели во поранешна Југославија, со цел да им се стави крај на притисоците и масакрите врз цивилите на Косово, пишува Агенција Анадолија (АА).
Операцијата што ја започнаа медијаторите со цел да ги отстранат српските сили од Косово и да се овозможи враќање во Косово на Косовците кои беа принудени да ги напуштат своите домови, се смета за пресвртница во регионот.
Според „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch), меѓу 489 и 528 цивили ги загубија животите во операцијата на НАТО, започната на 24 март 1999 година, која траеше речиси три месеци, откако тогашната југословенска администрација го одби предлогот за ставање крај на репресијата и прогонот во Косово и не прифати распоредување на меѓународни војници на Косово.
Од друга страна, југословенската страна тврдеше дека бројката на цивилни жртви предизвикани од операцијата изнесува меѓу 1.200 и 5.700.
- Процесот што доведе до операцијата -
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), по зголемувањето на албанско-српскиот конфликт на Косово, побара прекин на огнот меѓу страните со Резолуцијата број 1.199 донесена на 23 септември 1998 година.
По убиството на повеќе од 20 члена од едно албанско семејство во селото Горње Обриње во централно Косово, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја основаше надзорната мисија „Мисија за надзор на Косово“.
Во декември, прекинато е примирјето откако телото на градоначалникот со српско потекло, Звонко Бојаниќ, беше пронајдено во Косовско Поле, во близина на Приштина.
По прекинот на огнот, 45 албански земјоделци беа масакрирани на 15 јануари 1999 година во Речак, централно Косово. Југословенската администрација тврди дека убиените се припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
На 6 февруари 1999 година во Рамбује, близу Париз, главниот град на Франција, се одржа конференција за изнаоѓање решение за кризата во Косово. Конференцијата предложена од Контакт-групата составена од САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Русија, траеше до 23 февруари.
Додека косовската делегација го потпишуваше договорот со американската и британската делегација, кој подоцна ќе се нарекува „Договорот од Рамбује“, српската и руската страна се изјаснија дека не го прифаќаат.
Договорот предвидуваше Косово да биде под администрација на НАТО како автономна покраина во рамките на Југославија, а за одржување на редот во Косово да се распоредат 30.000 војници на НАТО.
Српската страна го одби барањето нејзините безбедносни сили на територијата на Косово да бидат заменети со трупите на НАТО, давајќи предлог, наместо нив, во Косово да се распоредат невооружени набљудувачи на ОН.
- НАТО бомбардира цели во Југославија -
По неуспешните напори за убедување на Југославија, НАТО на 24 март 1999 година во 20 часот ја започна операцијата „Сојузнички сили“, која траеше до 10 јуни 1999 година.
Сите членки на НАТО, освен Грција, учествуваа во операцијата, која беше поддржана и од Турските вооружени сили (ТСК) со 10 авиони Ф-16.
За време на операцијата, имаше и инциденти во кои беа застрелани претставници на странските мисии и цивили, за што НАТО се произнесе дека се случило „по грешка“.
Во мај 1999 година, цел на напад беше конвојот на албански мигранти, кој силите на НАТО го сметале за југословенски воен конвој. Во инцидентот загинаа речиси 50 цивили.
Повторно во мај, тројца кинески новинари беа убиени во напад на кинеската Амбасада во Белград. Овој инцидент предизвика бурна реакција на кинеското јавно мислење.
Друг инцидент во мај 1999 година беше бомбардирањето на затворот „Дубрава“. Во бомбардирањето загинаа 19 затвореници и чувари.
Исто така, се тврди дека српската страна егзекутирала повеќе од 70 затвореници во деновите по бомбардирањето.
По речиси три месеци од започнувањето на операцијата на НАТО, српските воени и полициски сили се согласија да се повлечат од територијата на Косово.
- Процесот што води кон независно Косово -
Операцијата на НАТО беше прекината на 10 јуни 1999 година, откако на 9 јуни 1999 година во Куманово, Северна Македонија, беше потпишан договорот за ставање крај на војната во Косово, познат како Воено-технички договор.
Истиот ден, СБОН ја усвои Резолуцијата 1244, со која на ОН им се дава право да управуваат во Косово. ОН оваа задача ѝ ја додели на Мисијата за привремена администрација на Обединетите нации на Косово (УНМИК).
Два дена подоцна, на 12 јуни 1999 година, откако тогашниот претседател на Југославија, Слободан Милошевиќ, ги прифати условите, во Косово започнаа да пристигнуваат официјални Мултинационални косовски сили (КФОР), предводени од НАТО, со цел да ја гарантираат безбедноста во Косово, меѓу кои беа и турските сили.
За време на војната на Косово, која траеше во периодот 1998-1999 година, беа убиени повеќе од 10.000 Косовци, од кои над 8.000 Албанци. Над 1 милион Косовци од различни етнички групи, меѓу кои 800.000 Албанци, беа принудени да ги напуштат своите домови.
Косово излезе од рамките на Србија на 17 февруари 2008 година, прогласувајќи еднострана независност.
Досега повеќе од 100 земји од светот го признаа Косово како независна држава, додека Србија сѐ уште го гледа како нејзина територија.
Процесот на дијалог за нормализирање на односите меѓу двете земји што започна со посредство на ЕУ, поради честите кризи сè уште не дава конкретни резултати.