Abdula Berisha
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот Стево Пендаровски и постојаната претставничкана УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан, го презентираа Извештајот за човековиот развој 2019 – Нееднаквостите во човековиот развој во 21 век, јавува Агенција Анадолија (АА).
На презентацијата присутни беа и претставници на извршната власт, дипломати, како и претставници на граѓанскиот сектор.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази задоволство што во извештајот Северна Македонија се наоѓа во категоријата на земји со висок човеков развој и од 2000 година до 2018 година бележи развој во сите категории.
Пендаровски посочи дека овие резултати звучат охрабрувачки, но, само на прв поглед, истакнувајќи дека најголем дел од европските држави припаѓаат на погорната категорија на држави со многу висок човеков развој.
„Додека сѐ уште преговараме за висината на минималната плата, прогресивниот данок, социјалната помош и другите неопходни мерки за намалување на економската нееднаквост, на повидок е нова генерација на нееднаквости што не може да се надмине само со традиционалните економски политики“, потенцираше претседателот Пендаровски.
Меѓу другото, тој нагласи дека „младите висококвалификувани кадри не си заминуваат само поради висината на платите, туку и поради квалитетот на животот и човечкото достоинство“.
Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан, истакна дека УНДП со нетрпение очекува да го продолжи партнерството со Северна Македонија и во иднина, нагласувајќи ја заложбата за градење подобра иднина за сите,
„Програмата за развој е посветена да оди надвор од границите на човековиот развој неоставајќи никого изоставен, да поттикнува локални акции за глобални промени и да влијае на начинот како размислуваме, испорачуваме, инвестираме и како се справуваме со прогресот кон остварувањето на глобалните цели за одржлив развој. Нееднаквоста не е надвор од решенијата – таа подразбира поширок круг политики надвор од приходот, надвор од просечноста и од денешницата“, истакна Сахакјан.