Furkan Abdula
02 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими помошникот-генерален секретар на НАТО за новите безбедносни предизвици, Антонио Мисироли, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на државата, на средбата било разговарано за успешната соработка меѓу Северна Македонија и НАТО, за тековните заеднички проекти, како и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста.
Се вели дека Пендаровски истакнал дека со полноправното членство на Северна Македонија во НАТО, ќе биде заокружена една од стратешките определби на неговата земја и главниот кохезивен фактор на мултиетничко демократско општество на земјата.
Во соопштението се истакнува дека Пендаровски изразил очекување дека до крајот на годината формално ќе биде завршено ратификувањето на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО во останатите земји членки, со што Северна Македонија ќе стане 30. членка на, како што рекол, најуспешната воено-политичка Алијанса.
„Нашето членство во НАТО ќе значи ширење на просперитетот и стабилноста во Европа, но истовремено и наш придонес кон регионалната и глобалната безбедност“, порачал Пендаровски на средбата.
Исто така, Пендаровски истакнал дека како врховен командант на вооружените сили ги поддржува сите реформи во одбраната и безбедноста кои се во согласност со стандардите на НАТО.
Во тој контекст, Пендаровски го поздравил проектот за дигитализација на Системот за управување со кризи преку имплементацијата на NICS - Next Generation Incident Command System - (Следна генерација на Систем за управување со инциденти), како дел од НАТО - Програмата за наука за мир и безбедност.
Пендаровски нагласил дека со имплементацијата на овој проект ќе биде овозможено командување, координација, соработка и комуникација со ангажираните ресурси во рамките на секоја институција од Системот за управување со кризи, како и размена на податоци и информации во реално време, со што Северна Македонија ќе добие имплементиран современ дигитален систем за управување со кризи.
Се соопштува дека помошникот-генерален секретар на НАТО, Мисироли, му го честитал стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски, посакувајќи му успех во работата.