Bojana Stojanovic
04 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
БЕЛГРАД (АА) - Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Метју Палмер, денес во Белград изјави дека САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива и дека ќе сторат сè Европската Унија да го промени ставот за европското членство на Северна Македонија и Албанија, оценувајќи дека е „историска грешка и лоша порака за целиот регион“ ЕУ да не додели датум за почеток на преговорите за пристап на тие две земји, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград, Палмер изјави дека разговарале за ситуацијата во целиот регион, и дека овој разговор е особено важен по неуспехот на ЕУ да најде компромис со Северна Македонија и Албанија.
„Тоа по наше мислење беше историска грешка и лоша порака за целиот регион“, изјави Палмер во Претседателството на Србија.
Палмер изјави и дека САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива.
„Ние ќе сториме сè ЕУ да го промени ставот пред состанокот на лидерите во Загреб“, изјави Палмер.
Палмер зборуваше и за изборните резултати на Косово, наведувајќи дека Српската листа добила поддршка од мнозинството косовски Срби и дека со тоа изборила право да биде претставена во Владата на Косово.
„Мислам дека на Косово постои простор да се слушнат многу различни гласови, но дека е важно и да се почитуваат резултатите од изборите“, изјави Палмер.
Палмер наведе дека во разговор со косовските политичари, па и со кандидатот за премиер Албин Курти, изјавил дека е важно косовските Срби да имаат можност на Косово да се изразат и преку политички процес.
Претседателот на Србија изјави дека со Палмер разговарал отворено и искрено и дека е задоволен од содржината на тие разговори, бидејќи ги разгледале сите спорни прашања и разлики кои постојат.
„Мислам дека многу работи разјаснивме и верувам дека наскоро по прашањето за Косово ќе имаме создадени услови за продолжување на дијалогот, наскоро, кога велам наскоро, мислам во наредните два-три месеци и сакаме тој дијалог да биде сериозен, одговорен и да води кон компромисно решение“, наведе Вучиќ.
Тој повторно го повика претседателот на САД, Доналд Трамп, да ја посети Србија, и изрази уверување дека тоа би бил многу силен импулс кон развојот на односите на двете земји и дека Трамп би можел најдобро да ја оцени ситуацијата како во Србија така и во регионот.