Bojana Stojanovic
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
БЕЛГРАД (АА) - Треба да се укинат стопроцентните такси на стока од Србија за двете страни да постигнат договор кој ќе придонесе за европска перспектива на Србија и Косово, и на целиот регион, изјави денеска заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Метју Палмер, во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД продолжуваат да го поддржуваат дијалогот кон нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, кој треба да овозможи постигнување договор кој ќе придонесе кон европската перспектива на Србија и Косово, но и на целиот регион на Западен Балкан“, изјави Палмер на заедничката прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ, во Претседателството на Србија.
Како што истакна, не може да го каже исходот од разговорите меѓу Белград и Приштина во Париз во јули по ова прашање, но верува дека состанокот ќе биде конструктивен и ќе го донесе најдоброто за сите.
Палмер му се заблагодари на Вучиќ и за посветеноста кон дијалогот, со констатацијата дека Србија може да смета на поддршката на САД во овој процес, како и на европскиот пат на Србија.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека и покрај различните позиции, односно признавањето на Косово од страна на САД, постои согласност меѓу САД и Србија дека „само преку разговори, преговори и со зачувување на мирот и стабилноста, како и со почитување на интересите на српскиот и албанскиот народ, може да се дојде до некое решение“.
„Го замолив Палмер да ја разбере потребата на Србија да се изнајде компромисно решение“, наведе тој.
Вучиќ истакна и дека Србија е подготвена за состанокот во Париз, и дека е најважно сите да сторат сè за да се сочува мирот и стабилноста.
Претседателот на Србија ја повтори поканата до американскиот претседател, Доналд Трамп, да ја посети Србија.
„Знаеме дека не може да очекуваме промена во ставот кон Косово, но сакаме малку побалансиран однос, малку поповолен, кој би водел сметка за интересите на Србија“, рече Вучиќ.
Палмер престојува во посета на Белград, при што ќе се состане и со српската премиерка, Ана Брнабиќ.