Husamedin Gina
28 Октомври 2020•Ажурирај: 29 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека се отвора ново време на соработка и пријателство со Република Бугарија и дека рецидивите од времето треба полека да се елиминираат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во организација на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, денеска се одржа работен појадок со амбасадорите на ЗБ6 (шесте земји од Западен Балкан), како дел од активностите во рамките на Заедничкото копретседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.
На работниот појадок обраќања имаа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, амбасадорот на Република Бугарија во РСМ, Ангел Ангелов, и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн.
Министерот Бујар Османи информираше дека пред една недела е усогласен текстот на повеќегодишниот акционен план за создавање заеднички регионален пазар.
„Практично создаваме еден единствен пазар во регионот со околу 18 милиони жители, тоа и ќе ја зголеми конкурентноста и ќе ја зголеми атрактивноста на тој пазар, но и ќе ја намали дистанцата со единствениот европски пазар, а нашата крајна цел е тоа“, нагласи Бујар Османи.
Османи, исто така, рече дека амбицијата на овој процес е регионот да биде послободен и за движење на луѓе, на услуги, производи, и дека тука полагаат надеж на иницијативата за движење со лична карта во целиот регион.
Османи, одговарајќи на новинарското прашање „Како ја оценува изјавата на бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, дека не е грев ако по шест месеци ги започнат преговорите со ЕУ“, рече дека не треба да го цензурираат тоа што го кажуваат политичарите и дека важно е што имаат канал за официјална комуникација помеѓу двете држави.
„Сметам дека се отвора ново време на соработка и пријателство со Република Бугарија и полека рецидивите од времето треба да ги елиминираме и таа европска идеја на соработка треба да ја имплементираме и во нашите билатерални односи“, нагласи Бујар Османи.
Германската амбасадорка Анке Холштајн рече дека ова е посебно време, бидејќи Берлинскиот процес прв пат е копретседаван од земја членка и земја кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), односно од Северна Македонија и Бугарија.
Амбасадорката ги поздрави достигнувањата на земјите од Западен Балкан, потенцирајќи го неодамнешниот економски договор постигнат меѓу Косово и Србија, како и тековните преговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за историските прашања меѓу двете земји.
„Важноста на Берлинскиот процес се протега далеку од неговите различни агенди. Тоа ја нагласува посветеноста на Германија за поддршка на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ“, рече амбасадорката.
Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, одговарајќи на новинарското прашања „Во кој дел од договорите со Бугарија гледаат територијални претензии од Северна Македонија“, рече дека денеска се собрани за Берлинскиот процес и дека тоа е многу значајно за изградбата на довербата меѓу двете држави.
Од друга страна, на прашањето дали денес во Брисел се разговара за преговарачката рамка и за тоа дали Бугарија би ги променила своите позиции, амбасадорот Ангелов нагласи:
„Бугарија не може да ја промени позицијата затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Владата. Тоа што се говори во ЕУ внатре, тоа е проблем на ЕУ. Тоа е проблем на Брисел, не е наш проблем“, додаде Ангелов.